На одбележувањето на 80 годишнината од депортирањето на македонските Евреи на споменикот во Штип каде се испишани имињата на сите 535 депортирани од овој град, почит одаде и 88 годишната Шела Алтарац која е единствената Еврејка од Штип што се спасила од депортацијата на 11 март 1943 година.
„Многу сакам да дојдам во родниот Штип, но секогаш кога доаѓам студени морници ме лазат, не можам да излезам надвор, ми доаѓа многу тешко, ама пак сакам да дојдам. Тогаш имав 8 години, но убаво се сеќавам кога цело семејство со кундаци и бајонети не вадеа од домовите и не товараа во вагони. Само со сплет на среќни околности во Приштина некако успеав да го напуштам возот и да се спасам, но од логорот на смртта во Треблинка не се спасија мајка ми, брат ми и две сестри“, вели Алтарац.
Таа за годинашново чествување дојде од Израел со синот, снаата и најмалата внука за да видат каде таа се родила и живеела како дете.
Во големата сала на Општина Штип се одржа комеморација за починатите, депортирани Евреи од Штип на која во присуство на германскиот амбасадор во Македонија, зборуваше претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви.
„Во сивило на мартовските мугри, бугарската фашистичка војска по налог на Хитлер и нацистичка Германија на најсуров начин буквално од своите кревети ги собраа Евреите, мажи, жени, деца и постари луѓе и сите преку тутунскиот комбинат депортираа 7.144 Евреи од Штип, Битола и Скопје. Македонија загуби 98 проценти од вкупната еврејска популација, а светот загуби околу 6 милиони Евреи, или една третина од вкупната еврејска поулација“, рече Леви.
На комеморацијата се промовираше книгата „Евреите од Штип – од доселувањето до Холокаустот“ од Мишо Китановски, а во Уметничката Галарија „Безистен“ е отворена изложба на фотографии од депортацијата на Евреите од Македонија. Еврејската делегација ги посети и Еврејските гробишта во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ