Со распит на судските вештаци од Институтот за судска медицина, денеска во Основниот суд во Струга продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, Јелдаз Веапоска, која при породувањето во 2020 остана без бубрег, матка и јајник.
Одговарајќи на вкрстеното испрашување на обвинителството и одбраната за начинот на кој била оштетена бубрежната артерија при изведувањето на царскиот рез, вештаците потенцираа дека станува збор за оштетување, а не за пресекување, а причината за оштетувањето е непозната.
„Во наодот од март до Институтот за патологија стои дека има оштетување без детален опис и не можеме да се изјасниме како настанало. Во описот не е спомената аневризма, која може да се утврди со голо око. Во нашето мислење не се осврнуваме како постапка на несовесност, туку на периодот од следните четири дена, кога не е поставена дијагноза и не е утврден изворот на крвавењето. Ние наведуваме дека постојат причинско-последична врска во начинот на лекувањето и пропуст да се преземат мерки за да се утврди причината за крвавењето. Има дијагностички процедури, можело со ехо ултразвук на стомакот да се види од каде е крвавењето“, кажаа вештаците.
Веапоска ги потсети обвинителството и адвокатите дека покрај бубрегот, извадени ѝ се уште два органа, а за нејзината состојба виновен е целиот персонал кој бил ангажиран за нејзиното породување.
„Се фатија само за бубрегот, но да ги потсетам обвинителството, адвокатите и сите други дека кај мене е извадена и матката. Воопшто не се зборуваше зошто е извадена и зошто не можам да имам други деца и како е оштетен јајникот. Секој доктор, од породувањето до излегувањето од таа болница, е одговорен“, изјави Веапоска.
Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, кажа дека и покрај тоа што вината ја утврдува судот, според содржината на вештачењето можел да се претпостави исходот на оваа постапка.
„Во вештачењето стои дека товарот на несовесното лекување паѓа на сите учесници. Во самото вештачење се зборува за гинеколозите, анестезиолозите, за сите учесници. Имињата и презимињата на сите нив се во самиот обвинителен акт. Што се однесува до мене, би ги ставил сите од Струшката болница на обвинителна клупа. Да влезете сосема здрав и прав и да излезете без три органи, треба сите кои придонеле да одговараат за тоа“, вели Јанев.
Првообвинетиот Мухамед Асани (лекар-специјалист гинеколог акушер), второобвинетиот Блертон Асани (лекар-специјализант по гинекологија и акушерство) и третообвинетата Лилјана Јованоска (лекар-гинеколог акушер) се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. Тие при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобни средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствената состојба на родилката од Дебар, поради што таа остана без три органи.
Асани е поранешен директор на Струшката болница, а беше разрешен токму поради овој случај. На првото рочиште тој и останатите двајца лекари кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.
С. ВРЕНЦОВСКА