СЕКОЈ ГЛАСАЧ ИМА ЗДРАВ РАЗУМ И ОДГОВОРНОСТ, ЈАС НЕМА ДА ГИ ПОВИКАМ ГРАЃАНИТЕ ЗА КОГО ДА ГЛАСААТ ВО ВТОРИОТ КРУГ, РЕЧЕ БИЛЈАНА ИВАНОВСКА ОД „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“

    СЕКОЈ ГЛАСАЧ ИМА ЗДРАВ РАЗУМ И ОДГОВОРНОСТ, ЈАС НЕМА ДА ГИ ПОВИКАМ ГРАЃАНИТЕ ЗА КОГО ДА ГЛАСААТ ВО ВТОРИОТ КРУГ, РЕЧЕ БИЛЈАНА ИВАНОВСКА ОД „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“Билјана Ивановска и Јана Белчева од Граѓанската иницијатива „Независни заедно“ на денешната прес-конференција во Скопје. (Фото: МИА)

    Како независна кандидатка нема да ги повикувам гласачите да гласаат за еден или друг кандидат. Секој гласач си е здраворазумен, има право да гласа и има одговорност кому ќе го даде својот глас, рече денеска на прес-конференција Билјана Ивановска која беше кандидатка за градоначалничка на Општина Центар од „Независни заедно“ на Локалните избори. Таа беше трета во првиот изборен круг, со освоени 4.465 гласови. Во вториот круг одат Горан Герасимовски од СДСМ и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ.

    Ивановска рече дека кој и да победи, ако вистински се залага да го заштити јавниот интерес треба да носи одлуки во полза на сите, и да го заштити уставно загарантираното право на здрава животна средина и активното учество на граѓаните во креирањето политики. Додаде дека граѓаните очекуваат одговорни политики и транспарентност во одлуките на локалната власт, укажувајќи на потребата од ревизија и усогласување на Деталните урбанистички планови со Генералниот урбанистички план.

    „Укажуваме дека е неопходно да се ревидираат, изменат и дополнат Деталните урбанистички планови, кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план. Да не се издаваат дозволи за градба врз основа на Детални урбанистички планови, чии параметри, на пример густина на население, се поголеми од предвидените во Генералниот план. Издадените дозволи да бидат јавно објавени на мапата која што ‘Шанса за Центар’ доброволно ја направи и ќе ја стави на располагање на Општината, која што ќе треба само да ја одржува. Ние направивме мапа и во моментот има над 150 градби во општина Центар“,  кажа Ивановска.

    Охрабрува фактот, вели, што Центар има критичка маса која што не размислува по партиска шема.

    „Голем број граѓани препознаа вредности и без особени кампањи, затоа што тоа се свесни граѓани кои наместо секојдневно да негодуваат за проблеми, преземаат акција за промени, преземаат одговорност за својот живот. Кој и да победи, доколку вистински се залага да го заштити јавниот интерес, треба да носи одлуки во полза на сите и да го заштити уставно загарантираното право за здрава животна средина и активното учество на граѓаните во креирањето и донесувањето на одлуките“, кажа Ивановска.

    Вториот круг од Локалните избори е закажан на 2 ноември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира