СЕКОЈА ГОДИНА, ГЕНЕРАЦИИТЕ СЕ СЀ ПОСЛАБИ, НАМЕСТО ДА МИСЛАТ, ГИ УЧИМЕ ДА УЧАТ НАПАМЕТ, ВЕЛИ ЕКСПЕРТОТ ЗА РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈ РАНКО РАЈОВИЌ

    СЕКОЈА ГОДИНА, ГЕНЕРАЦИИТЕ СЕ СЀ ПОСЛАБИ, НАМЕСТО ДА МИСЛАТ, ГИ УЧИМЕ ДА УЧАТ НАПАМЕТ, ВЕЛИ ЕКСПЕРТОТ ЗА РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈ РАНКО РАЈОВИЌПрофесорот Рајовиќ во Крањ, Словенија, заедно со студентите правеле истражување кое покажало дека 60 проценти од децата до 4 години не знаат да скокнат наназад. (Фото: СДК.МК)

    Секоја генерација е сѐпослаба од претходната, средината се менува, а ние не ги менуваме методите на воспитание и образование, рече професорот Ранко Рајовиќ, експерт за ран развој на детска интелигенција, на семинарот во Универзитетската библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Битола. Рајовиќ е професор на Педагошкиот факултет во Копер, Словенија, по предметот Невронаука во воспитанието и образованието, кој ја доближува медицината до педагодијата.

    „Имаме ситуации во кои секоја нова генерација запишана во прво одделение е послаба од претходната. Учителите тоа го зборуваат веќе 10 до 15 години. Забележуваме дека моторички се послаби, со послабо внимание и концентрација. Во Крањ, Словенија, заедно со студентите правевме истражување кое покажа дека 60 проценти од децата до 4 години не знаат да скокнат наназад. Ако не можат да го направат тоа можно е да имаат намалување на когнитивните способности. И општите познавања им се послаби, речникот исто така“, рече Рајовиќ.

    Рајовиќ, кој е професор на Педагошкиот факултет во Копер, Словенија, говореше на семинарот во Универзитетската библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Тој ја посочи неколку примери од поранешните југословенски земји. Во Хрватска 4.000 деца не се примени во прво одделение зашто не се способни за училиште поради псохофизичка незрелост, неразвиена моторика и недостаток на јазични вештини. Во Црна Гора пред две години од 102 кандидати за упис на Медицинскиот факултет, 99 не го положиле приемниот испит. Тоа биле најдобрите ученици во Црна Гора, ги имале сите петки. Полагале хемија и биологија, дисциплини за кои некои од нив биле дури и на државни натпревари. По ваквите поразителни резултати, министерот за образование рекол дека тежок бил испитот, а професорите дека тестот е ист со години. Професорот кажа пример и од Белград, Србија, каде професор по математика на Економски факултет му рекол дека секоја година студентите се сѐ послаби по математика. Пред 10 години вовел тест за студентите кога ќе дојдат на факултет, не за оценка, туку да види колку знаат за да им помогне. Заклучил дека генерација годинава е за 30 проценти послаба од онаа пред десет години.

    „Имаме сè повеќе деца кои не можат да ја следат наставата. Кога ќе тргнат во школо не можат да седат, да пишуваат, да читаат, да сметаат, немаат концентрација. Како тие да учат? Мозокот до 6 година го завршил најважниот период на развојот. Проблемот настанал пред училиштето, мора да интервенираат родителите и градинките. Мора да се менува воспитниот систем. Имаме исти теории како пред сто години“, рече Рајовиќ.

    Тој до присутните на семинарот апелираше за овој проблем да се зборува што погласно.

    „Целта на образовниот систем е да ги научиме децата да мислат, нема ништо од учење напамет. Ние и понатаму учиме напамет. Од десет најбарани професии денес, 9 не ни постоеле пред 10 години. Тоа значи дека ги подготвуваме за професии кои не постојат. Треба да се учат да мислат пред училиште. Не сум за рано учење, туку за рана стимулација, активација на мисловните процеси, на сетила, престој во природа, играње. Целта е функционално знаење“, рече Рајовиќ.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира