По тримесечна хуманитарна акција и донации во материјал и опрема, штипското семејство Манасиев со своите три малолетни деца се всели во новата куќа, која од трошна градба целосно е реновирана и комплетно опремена со сета потребна покуќнина.
„Јас сум пресреќен што моите иницијатива и ангажман да се помогне на ова семејство кое живееше во многу лоши услови сега се реализирани и куќата целосно е реновирана и опремена со покуќнина, тоалет со купатило, кујна, електричен шпорет и фрижидер, а собите со нови кревети и постелнина“, вели штипскиот хуманист Александар Георгиев.
Тој се заблагодарува на сите фирми кои помогнаа со материјали, на сите млади луѓе кои учествуваа во акцијата, а посебно на група мајстори од Велес, кои откако го виделе неговиот повик, самоиницијативно се организирале и со свое возило доаѓале во Штип секојдевно речиси еден месец.
Презадоволна е и Елена Манасиева, мајката на трите деца, поради кои хуманите луѓе најмногу се ангажирале, со цел да им обезбедат подобри услови за живеење.
„Кога Александар дојде и ми кажа каква намера има, прво не верував дека тоа навистина ќе се случи. Потоа дворот почна да се полни со градежен материјал, да доаѓаат мајстори и да ја средуваат куќата со нова изолација и внатрешна опрема. Неизмерно се заблагодарувам на сите хумани луѓе, затоа што трите деца, од кои најмалото има три месеци, сега имаат топол дом, како да имаме нова куќа“, вели Елена Манасиева.
Т. ЈОВАНОВСКИ