СЕПАК ЌЕ СЕ ПОСТАВИ БИСТА НА ПРВОБОРЕЦОТ ПЕЦО ГУДОВСКИ ВО БИТОЛА, ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ ГО ПРИФАТИ АМАНДМАНОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ИЛИЕВСКА

    СЕПАК ЌЕ СЕ ПОСТАВИ БИСТА НА ПРВОБОРЕЦОТ ПЕЦО ГУДОВСКИ ВО БИТОЛА, ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ ГО ПРИФАТИ АМАНДМАНОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ИЛИЕВСКААмандманот предложен од Илиевска денес беше изгласан 18 гласови „за“ од советниците на СДСМ и коалицијата, Поинаку и Левица, а 12 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери гласаа воздржано. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката Габриела Илиевска од Поинаку попладнево до Советот на Општина Битола предложи амандмански да се дополни Програмата за одбележување на значајни настани и личности со спомен биста на првоборецот Пецо Гудовски. Ова следуваше откако пред неколку дена Комисијата за споменици и спомен обележја при Советот на Општина Битола не ја прифати иницијативата на Сојузот на борци од Битола за поставување биста за првоборецот од НОБ, кој е дедо на актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска.

    Амандманот предложен од Илиевска денес беше изгласан 18 гласови „за“ од советниците на СДСМ и коалицијата, Поинаку и Левица, а 12 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери гласаа воздржано.

    „Во состојбата во која се наоѓа нашата држаа повеќе од било кога ни треба борба против фашизмот. Мене лично не ме интересира чиј дедо е, не ме интересира дали некој во неговото семејство има било каква функција. Ние овде сме избрани да носиме одлуки кои се професионални, а од она што го прочитав се работи за херој во овој град и за кој се бара од Сојузот на борци да биде поставена биста“, рече Илиевска.

    Претходно. со реакција се јави и претседателот на Сојузот на борци од Битола, Стефан Бошков, изразувајќи разочарување што Комисијата не го прифати нивното барање за внесување на изградба на биста во Програмата за 2023-2028 година. Посочија дека за прв пат во изминатите 76 години од нивното постоење како организација која се грижи и ги негува традициите од НОВ 1941-1945, не се прифаќа нивно барање.

    Пецо Гудовски (1920-2008) е родум од Лавци, работел во селското училиште како служител и така започнале неговите контакти со селскиот учител Тошо Даскалот. Имал заслуги за основањето на партизанскиот одред „Пелистер. Под сомнение дека одржува врски со Тошо Даскалот бил во затвор и измачуван повеќе од 40 дена. Бил член на одредите „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, баралјонот „Стив Наумов“, Првата македонско-косовска ударна бригада и учествувал во борбите во Егејска Македонија, Кочани и Куманово.. Бил носител на многубројни одликувања од времето на НОБ.

    Сега неговата биста влезе во Програмата за одбележување на значајни настани и личности со спомен обележја и ќе треба да се постави во следните пет години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира