Шакалот во последните неколку години е толку намножен во велешко, што претставува опасност по жителите на селата. Реакции има од населените места во велешко, населбата Отовица и од селото Сојаклари, кои се во близина на езерото Младост.
„Не останаа ниту зајак, ниту еребица, имаше и по некоја срна, ништо нема веќе. И куче или мачка ако начекаат, како грисини ги јадат. Навечер кога цел чопор завива и се довикува, како во хорор филмови е. Стравуваме за децата, не е ни малку пријатно. Ноќе, шакалите доаѓаат до куќите, ги има цели чопори“, вели Амди Мамудовски од Сојаклари.
Тој и соселаните бараат реакција од ловџиите. Од ловното друштво „Руен“ од Велес објаснуваат дека шакалот е заштитен со закон и доколку биде застрелан, предвидена е казна од 3.000 евра.
„Место да биде чистач и одржувач на природната рамнотежа, шакалот станува опасност за ловиштата. Во зголемен број се појави по 2012, а последниве две-три години толку многу се намножи, што претставува сѐ поголема опасност за поситниот дивеч и за птиците во ловиштата, како и за поситната стока во селата“, велат од ЛД „Руен“.
Тие информираат дека шакалот најчесто бил регистриран во непосредна близина на езерото Младост, по долниот тек на реките Бабуна и Тополка и околу езерото Лисиче. „Руен“ го констатирал тоа со увидот на терен, но смета дека шакалите ги има и пошироко во земјава.
„За сѐ поголема опасност од шакалите виновни се и луѓето, кои создаваат диви депонии, на кои фрлаат остатоци од органско ѓубре, умрени животни и отпадоци од заклани животни. Тоа ги привлекува овие животни, кои се, пред сѐ, лешинари, а лесно можат да бидат и преносители на паразити и заразни болести“, додаваат од ЛД „Руен“.
Ловџиите сметаат дека единственото решение е, како и во соседните земји, во новиот закон за ловство шакалот да се прогласи за штетно животно и да се дозволи негов отстрел. Со постојниот Закон за ловство, трајно се заштитени и мечката, рисот, дивата мачка, јазовецот, видрата, верверицата и други ретки животни и птици кои живеат во Македонија.
П. ПЕЧКОВ