„ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ ГИ ПОВИКА ПАРТИИТЕ НА ЈАВНА ДЕБАТА ДА СЕ УСОГЛАСАТ ЗА НАТПАРТИСКИ ЈАВЕН ИНТЕРЕС

    „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ ГИ ПОВИКА ПАРТИИТЕ НА ЈАВНА ДЕБАТА ДА СЕ УСОГЛАСАТ ЗА НАТПАРТИСКИ ЈАВЕН ИНТЕРЕСОд кампањата на „Шанса за Центар“. (Фото: Фејсбук)

    Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која освои три советнички места во Советот на Општина Центар, ги повика на јавна дебата политичките партии кои освоија советнички места во општината, на која би постигнале консензус околу приоритетите и развојните цели за Општина Центар.

    Такви партии се СДСМ со 8 советнички места, ВМРО-ДПМНЕ со 7 и Левица со 3, по локалните избори на 17 октомври. Од „Шанса за Центар“ сметаат дека програмските цели може да се усогласат за натпартиски јавен интерес на граѓаните и на идниот развој на општината.

    „Имајќи ги предвид различните пристапи и концепти за развој на општината, Шанса за Центар смета дека програмските цели може да се усогласат, во интерес на граѓаните и на идниот развој на општината. Шанса за Центар е на став дека без оглед на различните политички погледи, можеме да покажеме дека суштински разбираме што е граѓански и јавен интерес и дека можеме натпартиски да соработуваме. Соработката мора да е врз основа на издржани решенија и добри пракси за надминување на проблемите на сите граѓани. Поделбите во нашето општество не придонесуваат за развој, квалитет, ниту пак за модернизација на процесите на управување. Центарот на главниот град кој заслужува да биде европска метропола, може да се развива само преку обединување на сите сили во полза на граѓанските интереси“, се вели во повикот на граѓанската иницијатива, чиј што носител на листа беше Јана Белчева Андреевска.

    Од „Шанса за Центар“ додаваат дека нема да градат коалициско партнерство со одредена политичка партија, туку ќе бидат коалициски партнер секому, а ќе бараат и соработка околу решенија базирани на вредности и квалитетни анализи кои ќе водат кон развој на општината.

    Дебатата би се одржала во Културно социјален простор – Центар ЈАДР0 во 14 часот во вторник, 26 октомври, а од „Шанса за Центар“ се надеваат дека наместо за партиски интереси ќе се зборува за јавниот интерес и ќе се разменат аргументи околу најдобрите решенија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира