Околу шеесет тони охридска плашица деновиве мистериозно исчезнаа од каналот Билјанини Извори кај Охрид. Големи јата на оваа вкусна риба како што допливаа до каналот, така и отпливаа кон езерската шир. Во оваа природно зимувалиште плашицата почна да се гуши уште во втората половина на ноември поради недостаток на вода и плиткиот канал.
„Никој не знае каде отплива толку голема количина на плашица. Како што се појави, така и исчезна. Ова ми е првпат да видам како големи количини од оваа риба наеднаш снемуваат од каналот. Во средината на ноември во Студенчишкиот канал угина околу половина тон охридска плашица поради нискиот водостој. Пред некој ден видовме како нуркачи од дното на каналот извадија десетина автомобиски гуми. Ова е уште една опасност за плашицата која бара чиста вода”, вели познат охридски риболовец, кој тука лови со децении.
На неколку метри од каналот преку лето е активна картинг патека.
Д. ЧУБРИЌ