ШЕСТА ГОДИНА ПО РЕД ЏИПОВИ ОД ГРЦИЈА ЌЕ ВОЗАТ САМО ДО МАРКОВА НОГА, ПРЕМИНОТ НИКАКО ДА СЕ ОТВОРИ

    ШЕСТА ГОДИНА ПО РЕД ЏИПОВИ ОД ГРЦИЈА ЌЕ ВОЗАТ САМО ДО МАРКОВА НОГА, ПРЕМИНОТ НИКАКО ДА СЕ ОТВОРИСите пет досегашни тури со џипови низ Преспа задолжително во агендата имаа и посета на овој премин на грчко-македонската граница. (Фото: СДК.МК)

    Годинава ќе се одржи шестата тура „Преспа оф роуд трип“ од грчката страна на границата, а граничниот премин Герман-Маркова Нога пак ќе остане со спуштена рампа. Нема реална можност турата да премине и на македонска страна со што би се овозможило комплетно уживање во убавините на Преспа.

    Сите пет досегашни тури со џипови низ Преспа задолжително во агендата имаа и посета на овој премин на грчко-македонската граница. Организаторите на турата која ќе трае од 7 до 9 јули, во програмата наведуваат дека последниот ден од манифестацијата ќе имаат кратка рута и до „граничниот премин во изградба“. Лани таму однесоа и погача и сакаа како симбол на пријателство да ја поделат со невладини активисти од македонска страна, но не им беше дозволено. Сепак, не се откажуваат од идејата турата во иднина се вози низ Грција, Македонија и Албанија опколувајќи ги Преспанските Езера- Големото и Малото.

    „Треба да се истакне дека во наредните години, со отворањето на граничниот премин на Преспа со Северна Македонија, ‘Преспа оф роуд трип’ ќе добие тринационален карактер бидејќи ќе се одвива околу двете езера што минуваат низ трите земји што ги опкружуваат“, вели соопштението на организаторите.

    И минатата година, организаторите меѓу кои и Стратос Василопулос, координатор на турата,  рекоа оти се надеваат дека догодина турата ќе се изведе околу цел воден преспански басен поминувајќи низ трите земји кои го делат. Но, за жал, тоа остана пуста надеж. Последно на оваа тема изјава даде премиерот Димитар Ковачевски во јануари годинава при посета на Преспа, најавувајќи дека за многу скоро ќе можеме да зборуваме за отворање на преминот.

    Во турата редовно се вклучуваат десетици џипови од грчка страна.

    „Ја нарековме ‘Преспа оф роуд трип – по стапките на историјата и традицијата’. Може да се окарактеризира како љубов кон животот, природата, авантурата, бегството од секојдневието, во комбинација со безвременско патување низ историјата и традицијата. Тоа е посебно патување по асфалтни и земјени патишта, во прекрасните пејсажи на Лерин и завршувајќи во волшебната средина на Преспа, водното ‘тајно срце’ на Балканот, комбинирајќи ги со обиколка на атракциите на областа, стапките на историјата и локалните легенди “, вели Василопулос.

    За време на турата со џипови ќе се посетат планински места на висина од 2.260 метри од каде се протегаат волшебни панорами на Преспанските Езера, ќе се вози низ густи букови шуми, ќе се посетат манастири, преспански плажи, села со историја, островото Свети Ахил, остатоци од болници и скривалишта на војниците од Грѓанската војна, па и живописното село Псарадес (Нивици), касе во 2018 беше потпишан Преспанскиот договор со што заврши 30-годишниот спор за името меѓу Македонија и Грција. Попатно учесниците ќе ја научат историјата на местата, како и да играат традиционални народни ора од поширокиот регион.

    Овој настан е организиран од „Сојуз на туризам и сродни дејности на Општина Преспа“, под покровителство на Општините Лерин (Флорина) и Сорович (Амитео) и „Chatzichristos Racing team Florina“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира