Со старт и финиш во прилепскиот Варош викендов ќе се одржи шестото по ред и досега најмасовно издание на најголемата македонска ултрамаратонска трка Крали Марко Треилс – „По Стапките на Крали Марко”.
Крали Марко Треилс е повеќедневен настан кој се состои од неколку трки во планинско трчање и планинарење кои се одржуваат околу Марковите Кули, манастирот Трескавец и планината Бабуна. Оваа година тој ќе биде составен од четири трки – Трескавец Треил 16 км, Камена Баба Треил 31 км и Крали Марко Ултра Треил, која со нејзините 90 километри ќе биде и прва официјална планинска ултрамаратонска трка во Македонија. Покрај трките за возрасни, ќе се одржи и трка за деца насловена Маркукуле Треил во должина од 1 километар и наменета за најмадата популација.
На Крали Марко Треилс година се пријавени 307 натпреварувачи од 13 различни држави што го прави настанот исклучително интересен за следење. За оваа година предвидено е и он-лајн следење на тркачите преку мерење со чип на одредени контролни точки од стазата.
Настанот е во организација на здружението за планинско трчање TREX, Општина Прилеп и ПСД Макпетрол – Скопје.