ШЕТАМЕ ОД ДОКТОР ДО ДОКТОР И НАЈЧЕСТО ЗАВРШУВАМЕ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ, ФАЛАТ ДЕТСКИ НЕВРОЛОЗИ, ВЕЛАТ РОДИТЕЛИ НА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ

    ШЕТАМЕ ОД ДОКТОР ДО ДОКТОР И НАЈЧЕСТО ЗАВРШУВАМЕ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ, ФАЛАТ ДЕТСКИ НЕВРОЛОЗИ, ВЕЛАТ РОДИТЕЛИ НА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИРодителите Билјана Стефановска и Елена Ивановска велат дека недостига рана дијагностика, алатки кои се валидизирани за категоризација на децата, а потоа и за рехабилитација. (Фото: СДК.МК)

    Во еден ден на амбулантата за Детска неврологија во Скопје има над 200 деца и родители. Замислете колку е тешко да патувате за таму од другите градови, посебно од пооддалечените како Прилеп и Битола. Патуваме 180 километри и чекаме таму со децата со посебни потреби од седум сабајле до шест попладне за преглед, рече Билјана Стефановска од Битола, мајка на дете со церебрална парализа на панел-дискусијата за предизвиците со кои се соочуваат родителите на децата со попречености, што во организација на „Порака Нова“ се одржа во Битола.

    „Има огромен недостаток на детски невролози во државата, дефектолози, логопеди. Физикалната терапија во Македонија е оскудна поради што нашите дечиња завршуваат во странство барајќи соодветни физикални терапии или лекари по физикална медицина. За да направиме магнетна резонанца чекаме од шест месеци до година дена на државно, а за да не биде толку долго плаќаме од свој џеб по приватни клиники, а нема рефундирање на средствата. Потребни се лекарства кои ги нема тука или не се на позитивната листа, па ги набавуваме од странство“, рече Стефановска.

    Од панел-дискусијата што во организација на „Порака Нова“ се одржа во Битола. (Фото: СДК.МК)

    И родителите на деца со аутистичен спектар се жалат дека недостига рана дијагностика, алатки кои се валидизирани за категоризација на децата, а потоа и за рехабилитација.

    „Недостига рана дијагностика во Македонија, а во Битола пак, воопшто ја немаме. Во нашиот град немаме ни детски психијатар или детски невролог. За сè одиме во Скопје. Шетаме од доктор до доктор. Мојот син е категоризиран на три и пол години, а ние од година и пол разликите ги гледаме, одиме од доктор на доктор, но раната дијагностика и да не постоеше. Биомедицински третмани, а да не зборувам за окупациони терапии, сето оди на приватно зашто државата нема сили да го реализира“, рече Елена Ивановска-Талевски, родител на дете со аутистичен спектар.

    Проф. д-р. Владимир Трајковски, истакнат експерт во областа на аутизмот, рече дека според светски статистики на 36 деца по едно е со аутизам. Во државата нема Регистар на деца со аутистичен спектар, но неофицијално се проценува дека ги има околу 20.000 на сите возрасти. Дел од нив не се ни категоризирани, па не го добиваат ни додатокот кој им следува од државата.

    „Јас, како претседател на Македонското научно здружение за аутизам, преку 24 години се борам да се изработи таков Регистар. Нити една власт, ни од левата, ни од десната опција, немала слух досега да го направи. Исто така, нема ни Национална стратегија за третман на деца со аустистичен спектар на нарушување“, рече Трајковски.

    Се проценува дека на 400 раѓања по едно бебе е со церебрална парализа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира