ШИЛЕГОВ ЌЕ ИМ НАПЛАЌА ТАКСА НА КАФУЛИЊАТА АКО ГИ ЗАСТАКЛАТ ТЕРАСИТЕ

    ШИЛЕГОВ ЌЕ ИМ НАПЛАЌА ТАКСА НА КАФУЛИЊАТА АКО ГИ ЗАСТАКЛАТ ТЕРАСИТЕПокрај постајната такса од 15 денари метар квадратен за поставување на маси и столици на јавна површина, плус ќе плаќаат по 15 денари за метар квадратен од ден и за затворањето на терасите (Фото: К. Попов)

    Кафеаните и кафулињата во Скопје за заградување на летните тераси со стакло од наредната зима ќе плаќаат надоместок од 15 денари за метар квадратен. По предлог на градоначалникот Петре Шилегов, Советот на Град Скопје денеска ја изгласа одлуката за условите за поставување урбана опрема на јавна површина. Со неа се дозволува кафеанџиите да ги заградуваат летните тераси со проѕирни панели, но за тоа ќе плаќаат, односно покрај постојната такса од 15 денари метар квадратен за поставување на маси и столици на јавна површина, плус ќе плаќаат по 15 денари за метар квадратен од ден и за затворањето на терасите.

    Така, за 100 квадратни метри кафуле на тротоар, сопственикот ако ја застакли терасата ќе треба да плати месечен надоместок од 750 евра, плус исто толку и за поставените маси и столици на јавна површина. Овој надоместок ќе се плаќа од први ноември до 31 март, односно во зимската сезона, а на сила ќе стапи во 2019.

    Во образложението на градоначалникот Шилегов се вели дека основна цел на одлуката е воведување нови стандарди во сферата на поставувањето на урбаната опрема на јавните површини во главниот град, со цел унапредување на квалитетот на живеењето на скопјани.

    „Надоместок кој Град Скопје ќе го наплаќа за застаклување на просторот за кој е издадено одобрение за поставување урбана опрема и одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор ќе се применува од наредната зимска сезона, односно се остава период за усогласување на постоечката со новопланираната состојба“, стои во образложението на градоначалникот Шилегов.

    Од Град Скопје објаснуваат дека одобренијата за терасите кои се на јавна површина ќе се издаваат врз основа на Правилникот кој беше донесен пролетва и во кои јасно било наведено колку простор на тротоарите треба да биде оставен за пешаците.

    Со измените на Правилникот за поставување на урбана опрема кои Град Скопје ги донесе на 11 април, на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици треба да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема, тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

    Но Правилникот никој не го почитува. Цело лето маси и столици кафанџиите ставаа надвор од дозволената зона. Градот најави дека ќе бележи со жолта лента до каде може да се терасите на кафулињата и кафаните, но се бележеа само неколку локации, но и тоа не го спречи кафанџиите да ги распостилаат масите низ цели тротоари и пешачки улици. Ниту едно кафулето цело лето не беше казнето дека летната тераса му е надвор од издаденото одобрение.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира