ШПАНСКИТЕ СКАЛИ ИЗБРИШАНИ, НО ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЌЕ СЕ ГРАДИ, УКИНАТИ ДУПОВИ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

    ШПАНСКИТЕ СКАЛИ ИЗБРИШАНИ, НО ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЌЕ СЕ ГРАДИ, УКИНАТИ ДУПОВИ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАРГрадоначалникот Жерновски во неколку наврати објаснуваше дека нема да се избришат веќе почнатите градби, што значи дека Панорамското тркало од 20 милиони евра ќе продолжи да се гради (Фото: СДК.МК)

    Центар ги поништи измените на деталните урбанистички планови кои беа на дневен ред на маратонската седница почната на 6 јуни 2013 година која беше прекината поради демолирање на Општината и нарачаните шамари од тогашниот премиер Никола Груевски за градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.

    Градоначалникот Жерновски во неколку наврати објаснуваше дека нема да се избришат веќе почнатите градби, ниту пак црквата Св. Константин и Елена туку дека целта на поништувањето на ДУП-ови е да се интервенира на локациите на кои се предвидени нови градби, но не е почнато градењето.

    Една од таквите градби е катната гаража спроти Музеј на Град Скопје која не почна да се гради оти уште се во тек судски постапки за земјиштето. Не почнаа да се градат ниту Шпанските скали на Плоштад Македонија. Панорамското Тркало ќе продолжи да се гради затоа што тоа е веќе почната градба. Но, се стопира и пробивањето на сервисната улица на Кеј 13 Ноември.

    Советот на Центар ги задолжи инспекциските служби во рок од седум дена до градоначалникот Андреј Жерновски да испратат список со одобренија за градби кои треба да бидат поништени. Од СДСМ инфоормираа дека Општината ќе изработи предлог за поништување и отфрлање на одобренијата за градење што ги издале други органи, а се дел од поништените ДУП-ови. Доколку не бидат поништени, Општината ќе покрене судски постапки.

    Поништени се деталните урбанистички планови Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Централно зеленило покрај река Вардар – Јужен дел, Централно градско подрачје – Мал Ринг и Голем ринг – Јужен дел – Исток изгласани во 2012 година.

    „Во 2013 година, заедно со советничката група на СДСМ и коалицијата, ветивме дека докрај ќе се бориме против криминалната власт за да ги заштитиме интересите на граѓаните. Како општина бевме напаѓани, малтретирани, етикетирани и казнувани цели 4 години. Но, не се откажавме. Денеска ја завршивме седницата започната на 6 јуни 2013 година, која беше прекината поради демолирањето на Општината, нападите врз советниците и нарачаните шамари врз мене од страна на Груевски. Веќе е јасно кој ги нарача нападите и кои беа мотивите. Но, правдата мора да биде задоволена. Како и досега, останавме доследни на барањата на граѓаните кои јасно се противеа на овие криминални ДУП-ови“, напиша на својот Фејсбук профил градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски.

    Под изговор дека Советот сака да ја избрише маркичката за црквата Св. Константин и Елена пред Дом на АРМ стотина демонстранти во обид да ја спречат седницата, ја искршија оградата на Општината, фрлаа со јајца по бараката во која заседаваше Советот на Општина Центар и ги искршија прозорците. Советниците заседаваа цели 20 часа по што седницата беше прекината.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира