ШТИП ЌЕ НАБАВИ ШЕСТ АВТОБУСИ ЗА ДА ИМА ЈАВЕН ПРЕВОЗ

    ШТИП ЌЕ НАБАВИ ШЕСТ АВТОБУСИ ЗА ДА ИМА ЈАВЕН ПРЕВОЗЈП „Стипион“ ќе добие нова дејност и ќе набави шест нови автобуси за јавен превоз со шест релации во општината. (Фото: СДК.МК)

    Oпштина Штип покрена постапка Советот да донесе одлука за додавање дејност на ЈП „Стипион“ за организирање на јавен градски превоз. За таа цел, наредниот месец ќе биде распишан тендер за набавка на шест нови автобуси.

    „Се работи за модерни нископрофилни автобуси кои ќе бидат во функција на новата дејност на ЈП ‘Стипион’. Автобусите ќе имаат шест општински релации со што ќе бидат опфатени сите населби во општината. Граѓаните во текот на денот ќе можат да ги користат автобусите во осум термини од кои најударни ќе бидат претпладневните и попладневните линии“, вели градоначалникот Иван Јорданов.

    Тој рече дека намерата е автобусите да бидат набавени на лизинг, па со одложено плаќање Општината ќе може секоја година да предвидува средства за таа намена, ама важно е што граѓаните по мошне поволни услови и цени од 20 до 30 денари, во зависност од релациите, ќе имаат навремен и квалитетен јавен градски превоз.

    Општина Штип и лани имаше обиди да обезбеди јавен градски превоз, но на распишаните два тендера не се јави ниту една превозна компанија, па сега на овој начин со набавка на општински автобуси се прави обид да се воведе јавен превоз каков што имаше пред триесет и повеќе години.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира