Со одлука на Советот на Општина Штип, стопанисувањето со водата што филтер-станицата во градот ќе ја добива од Хидросистемот „Злетовица“ ќе премине во ингеренции на Јавното комунално претпријатие „Исар“, кое и досега сопанисуваше со водата што ја преработува од бунарскиот систем . Со тоа, Штип веќе обезбедува два система за преработка на вода, досега од подземните бунари покрај реката Брегалница и сега со водата од „Злетовица“ ,која со цевковод долг над 40 километри ќе доаѓа од браната „Кнежево“.
Општина Штип е интерно информирана дека испитувањата на водата од „Злетовица“ биле позитивни, односно дека водата од овој систем по сите критериуми била квалитетна и употреблива за пиење. Филтер-станицата во градот пред неколку години доби грант од Словенија за монтирање посебна опрема која ќе биде во функција на преработка на сите води, без разлика дали доаѓаат од подземните бунари во Штип или по цевководот од „Злетовица“ што пред една деценија беше изграден со помош на јапонската влада, чија централна банка со над 100 милиони долари го кредитира целиот систем и зафатите околу него.
„И испитувањата што ги направиле јапонските експерти и домашните институции зборуваат дека не се точни гласините оти водата од ‘Злетовица’ и браната ‘Кнежево’ не се употребливи, туку напратив биле исправни, а квалитетот бил значително подобрен со таложниците што биле изградени на долниот тек на браната и реката Злетовица. Јас сум имал низа разговори со јапонските експерти и сите укажуваа дека водата од хидросистемот ‘Злетовица’ е една од најквалитетните води во Македонија“, вели штипскиот советник Иван Бојаџиски.
Ова беше кажано и од претставничката на Општината Вишна Шорова-Ангелова на последната седница на Советот на Општината Штип, кој донесе одлука за предавање на управување и одржување на завршена адаптација на постоечката филтер-станица на ЈП „Исар“.
„Сите институции кои ги правеа анализите за исправноста на водата од системот ‘Злетовица’ интерно нè информираа дека водата е квалитетна и употреблива за пиење. Сепак, ние чекаме да ги добиеме и написмено анализите, по што може да се почне со преработка на водата од Злетовица во филтер-станицата во Штип“, рече Шорова-Ангелова.
Во ЈП „Исар“ сметаат на овој начин ќе се намалат трошоците за струја за доведување на водата од штипските бунари до филтер-станицата, кои со новото зголемување цената на струјата се поголеми за повеќе од 4 пати, а претпријатието и без тоа е со затекнат долг од речиси 5 милиони евра.
Водата од „Злетовица“ веќе се употребува за пиење во Пробиштип и Свети Николе, до каде исто така се инсталирани посебни цевководи и сите три општини планираат проблемот со вода за пиење да им биде решен во наредните 30 до 50 години.
Т. ЈОВАНОВСКИ