Во Штип често се вози пребрзо, некои се во сообраќајот без возачка дозвола, други без положен возачки испит, а има и такви кои возат под дејество на алкохол.
На вчерашната акциска контрола на СВР Штип, која траела неколку часа, било утврдено дека 10 возачи го управувале своето возило со брзина поголема од пропишаната. Сите прекршоци биле сторени во населено место.
Според началникот на СВР Штип, Боби Гидиовски, биле санкционирани и 16 други прекршители, од кои еден возел технички неисправно возило, четири лица биле без возачка дозвола, еден возел нерегистрирано возило, еден под дејство на алкохол, а девет не користеле појас или непрописно паркирале.
Гидиовски апелира за поголемо почитување на сообраќајните правила и прописи, оти и во претходната недела при ваква акциска контрола бил утврдени речиси идентичен број прекршоци. Предупредува дека во наредниот период СВР Штип ќе продолжи со акциски контроли.
СВР Штип ги зголеми своите превентивни мерки и зачести со вакви контроли, посебно по неколку сообраќајни несреќи во изминатите месеци, во кои на самиот влез во градот беа прегазени млади учесници во сообраќајот.
Т. ЈОВАНОВСКИ