Со почетокот на новата 2025/2026 година, Средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип од денеска прераснува во Државно средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука, при што ќе го задржи името, како и постојните стручни насоки и профили што досега ги имаше.
Државното училиште ќе биде отворено за сите заинтересирани кандидати од Штип и од другите градови од каде ќе има интерес за запишување. Досега, па и за оваа учебна година според податоците од уписниот рок, најмногу интерес има од учениците кои живеа во соседните градови. Од вкупно 700 ученици, во прва година новозапишани се 207 ученици, од кои 70 отсто се од Општина Штип, а 30 насто се од останатите места во регионот.
Со оваа трансформација за ова училиште престануваат надлежностите и ингеренциите на Општина Штип и во наредниот период „Коле Нехтенин“ како регионален центар ќе биде под надлежност на Министерството за образование.
Директорката на училиштето Јованка Шалева, смета дека со прераснувањето на училиштето во државен центар за стручно обрзаование, може да се очекува во наредните учебни години да се зголеми бројот на заинтересираните кандидати од Штип, но и надвор од Штип. Во изминатите неколку години, училиштето не бележеше намалување на бројот на ученици, туку бројките се константни.
„Најновата трансформација за нас е признание и одговорност, но од друга страна, како што беше најавено, можеме да очекуваме поволности во подобрувањето на севкупната состојба во училиштето и во наставниот аспект со надоградување на наставни програми со нови прифили и нивно проширување, на постојните електро-машинскиот профил и профилот на угостителство и туризам да има натамошни актуелни образовни надоградби“, вели Шалева.
Раководството на училиштето, како што вели, веќе работи на инвестициони проекти кои ќе значат подобри услови за престој и настава на учениците, нови кабинети и лаборатории, нова опрема за обука на стручниот кадар каков што бара стопанското опкружување, пред се компаниите од ТИР зоната кај Штип, но и во соседните градови од каде гравитираат дел од учениците и најново, развој на нови профили за возрасни и нивна преквалификација што ги бараат компаниите каде се вработени.
Т. ЈОВАНОВСКИ