Група од стотина штипски велосипедисти од сите возрасти, меѓу нив и деца, новата година ја започнаа со пладневна првојануарска дружба со возење до археолошкиот локалитет Баргала во подножјето на планината Плачковица, оддалечен од Штип дваесетина километри.
„Ова е 15. ваква маршрута што традиционално ја реализираме секоја година на први јануари. По пат влегуваме во населените места со што сакаме да упатиме порака дека и ние велосипедистите сме дел од сообраќајот па другите учесници треба да внимаваат и на нас. Во Баргала кој важи за еден од најрепрезентативен доцноантички и ранохристијански град во Македонија, правиме кратка пауза со седенка и разговори, па се враќаме во Штип“, вели еден од главните организатори Марио Атанасов.
Групата во текот на вчерашниот ден, исто така традиционално, возеше низ штипските населби, а на крајот на плоштадот „Слобода“ подели новогодишни пакетчиња на децата.
Т. ЈОВАНОВСКИ