ШТИПСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА, КОЈ НЕ СЕ ГРАДИ ОД 2016, ТРЕБА ДА Ѝ БИДЕ ВРАТЕН НА ОПШТИНАТА ЗА ДА КОНЕЧНО СЕ ЗАВРШИ

    ШТИПСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА, КОЈ НЕ СЕ ГРАДИ ОД 2016, ТРЕБА ДА Ѝ БИДЕ ВРАТЕН НА ОПШТИНАТА ЗА ДА КОНЕЧНО СЕ ЗАВРШИШтипскиот дом за стари лица е единствениот ваков објект во Македонија што почнал да се гради со сопствени средства на пензионерите. (Фото: СДК.МК)

    На барање на Општина Штип во Владата, покрената е постапка за враќање на недовршениот дом за стари лица во сопственост на Општината, која пред 11 години му го даде на Здружението на пензионерите за да се гради дом за стари лица. Но, по две години изградба, четирикатната зграда престана да се гради и девет години е мртов објект и пропаѓа, а досега за него се потрошени 400.000 евра.

    Штипскиот дом за стари лица е првиот и засега единствен ваков објект во Македонија што почнал да се гради со сопствени средства на пензионерите, односно со средства од фондот на Здружението на пензионерите во Штип. Во 2014, Општина Штип од АРМ го доби воениот ресторан пред штипската касарна „Јане Сандански“ и веднаш потоа му го преотстапи на Здружението на пензионерите.

    За две години, на местото на стариот армиски ресторан кој беше од отворен тип и за граѓаните, од едно ниво се изгради објект на четири ката, наменет за сместување на 103 пензионери. Изведувач на работите беше градежна фирма од Струмица.

    „Според книговодствената евиденција на Здружението на пензионерите од тоа време, кога работите ги водел тогашниот претседател на Здружението, во изградбата на домот за стари лица биле вложени 400.000 евра, сопствени средства на Здружението кои се собирале по разни основи. Но, за време на изградбата настанале правни и урбанистички спорови, па судот во Штип одлучувал дали објектот е дивоградба оти требало стариот објект само да се реновира, а тој за две години израсна во голем станбен објект на четири ката“, вели сегашниот претседател на Здружението на пензионерите во Штип, Ристе Нетков.

    Додава дека дошол на оваа функција кога судските спорови завршиле со ослободување од обвинение и било дозволено да продолжат инвестициските активности.

    „Разговарав со сите локални власти досега и чекаме да видиме како државните институции ќе ја завршат започнатата постапка“, вели Нетков.

    И Општина Штип ја чека завршницата на постапката во Владата, а потоа ќе се анализираат натамошните постапки и со одредени урбанистички решенија активностите треба да бидат насочени кон крајната цел – домот за стари лица да се доизгради.

    „Ја чекаме конечната одлука на Владата, а потоа заедно со неа и со Здружението на пензионерите да се направи стратегија и да се најдат модуси и извори на средства за завршување на домот, да се стави кровната конструкција, да се реши фасадирањето и да се опреми домот за да може да се стави во функција“, кажа градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

    Штип е еден од градовите кој нема дом за стари лица. Според Министерството за труд и социјална политика, вакви домови има во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Берово, со сместувачки  капацитет за околу 500 лица. Во државата има и над 30 приватни домови со капацитет од 1.200 легла, од кои над 90 отсто се во Скопје, а останатите во Струмица и Битола.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира