ШТИПСКОТО МАТИЧНО БАРА ПОВИСОКИ ПЛАТИ, НО ПРИОРИТЕТ СЕ НОВИ ВРАБОТУВАЊА ОТИ ИМА САМО ДВАЈЦА МАТИЧАРИ ЗА ЦЕЛИОТ ИСТОЧЕН РЕГИОН

    ШТИПСКОТО МАТИЧНО БАРА ПОВИСОКИ ПЛАТИ, НО ПРИОРИТЕТ СЕ НОВИ ВРАБОТУВАЊА ОТИ ИМА САМО ДВАЈЦА МАТИЧАРИ ЗА ЦЕЛИОТ ИСТОЧЕН РЕГИОНВработените во Управата за водење матични книги во Штип приоритетно бараат 8-10 нови вработувања.(Фото: СДК.МК)

    Штипското Матично оваа недела исто така е во штрајк и не издава никакви изводи, освен документи на лица неопходни за лечење во странство за што странките мора да приложат лекарски наод и медицинска потврда. Денеска и во изминатите неколку дена се враќаат повеќе граѓани кои дојдоа да пријават новороденче, но беа одбивани затоа што се штрајкува со образложение дека детето можат да го пријават во рок од 30 дена од денот на раѓањето. Штрајкувачите сметаат дека дотогаш нивните барања ќе бидат прифатени и штрајкот прекинат.

    Вработените во Управата за водење матични книги, подрачно одделение во Штип како регионален центар ги подржуваат генералните барања на синдикатот на Управата, но приоритет на место поголеми плати бараат нови вработување оти останале само двајцата матичари, а ги покриваат општините Штип и Карбинци и издаваат документи на лица од цела Источна Македонија.

    „Нашето матично има потреба најмалку за десет нови вработувања, а тоа остана само со двајца што сме на неопределено време и една колешка на определено време која има плата само 14.500 денари. Јас и колешките не можеме да постасаме затоа што мора да издаваме изводи од матичната книга на родени, потоа изводи од матичната книга на венчани, вршиме пријавување на брак и издаваме уверенија за слободна брачна состојба за Штип и Општина Карбинци, па како единствени матичари мораме најмалку еднаш неделно да одиме и во оваа општина“, вели самостојниот референт-матичар Тони Станков, кој на ова работно место е 23 години.

    Станков смета дека тие најмногу работа имаат со изводите на новороденчињата и нивно пријавување од причини што во Клиничката болница во Штип како регионална се породуваат деца од сите градови во Источна Македонија. Во 2021 издале документи за 774 новороденчиња, а во оваа година за 200 новородени деца. Во 2019 имале 356 регистрации за склучување брак, во 2021 вкупно 369 регистрации, а досега во оваа година имале 70 регистрации. Исто така, годишно издаваат документи од 350 до 400 за умрени лица.

    Штипските матичари велат нивното Матично во Штип досега не било во ваква тешка состојба затоа што пред неколку години било со 11 вработени со осум матичари, а сега останале само двајца самостојни референти и едно лице помлад референт, кое веќе трета година е на определено време со договор на дело и последната плата за март и била многу помала од минималната во Македонија.

    Управата за водење матични книги во Штип поднела неколку барања за нови вработување, но досега барањата не биле прифатени. Затоа, тие за време штрајкот како посебна управа во Штип приоритет даваат на барањата за нови вработувања и комплетно пополнување на Матичното во Штип, а потоа на платите кои и за вработените како самостојни референти на неопрделено време по решение изнесувале 17.000 денари, а со другите принадлежности хранарина и слично вкупните примања достигнувале од 19.000- 20.000 денари.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира