ШУКЛЕВ И НИКОЛОВ ОД СТОЈАКОВО ГО РАЗВИОРИЈА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ НА КИНЕСКИОТ ЅИД, „РЕНОТО“ ГИ ЧЕКА ВО МОНГОЛИЈА

    ШУКЛЕВ И НИКОЛОВ ОД СТОЈАКОВО ГО РАЗВИОРИЈА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ НА КИНЕСКИОТ ЅИД, „РЕНОТО“ ГИ ЧЕКА ВО МОНГОЛИЈАШуклев и Николов жалат што не стигнале до Кинескиот ѕид со „реното“, но целта ја исполнија (Фото: СДК.МК)

    Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов од Стојаково го развиорија македонското знаме на Кинескиот ѕид, иако на границата со Монголија им беше забрането со реставрираното возило „рено 4“ да влезат во Кина. По забраната, возачкиот тандем со посредство на МНР одлучи со авион да стаса во Пекинг од монголскиот град Улан Батор, кадешто го оставија возилото кое требаше да извози уште 500 километри.

    „По 20 дена возење и изминати 11.000 километри со ‘рено 4‘ и уште 800 километри со ‘боинг 737‘, успеавме! Битката на кинеската граница ја загубивме, ама војната ја добивме. Дојдовме на Кинески ѕид и го развиоривме македонското знаме, иако далеку подобро ќе беше да стасаме со возилото“, информираа двајцата возачи, на кои поради тоа што немаа ангажирано туристичка агенција и професионален кинески возач не им беше дозволено со „реното“ да влезат во Кина.

    Шуклев и Николов вечерва планираат да тргнат назад кон Македонија (Фото: СДК.МК)

    Шуклев и Николов тргнаа на 29 јуни од центарот на Стојаково. Возеа преку Србија, Унгарија, Украина, Русија и Монголија, од каде поради забраната мораа да се вратат до Улан Батор и со авион да патуваат до Кина. Тие вчера цел ден беа со претставници на македонската амбасада во Кина, но и со Македонци кои се на работа во оваа држава.

    „На една од фотографиите сме сликани пред зборовите на Мао Це Тунг, ‘Не си херој ако не си го видел Кинескиот ѕид‘. Ние успеавме да го видиме, и тоа на херојски начин, и покрај сите перипетии што ги доживеавме“, велат возачите.

    Според информациите, тие денеска со авион се враќаат во Монголија, каде ги чека нивното „рено“. Тие вечерва планираат да тргнат назад кон Македонија, но засега не се зане дали ќе биде по истатa маршрута или, пак, ќе се патува преку нови држави.

    Авантуристите од Стојаково упатија огромна благодарност до сите физички и правни лица кои им дадоа поддршка на каков било начин да издржат на патот кон Кинескиот ѕид.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира