Без дозвола се сече шумата за изградба на хидроцентралите на реката Дошница која извира од планината Кожуф, покажал вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на двете мали хидроелектрани на реката, при што се утврдени неправилности кои произлегуваат од несовпаѓање со одобрениот елаборат за животна средина.
Сечата која се врши врз шумата во околината на двете централи во изградба, била без дозвола или согласност од Министерството за животна средина (МЖСПП). Од увидот во дозволите, во ниту една точка не било наведено дека е одобрено сечење на дрвна маса од коритото и брегот на реката Дошница.
„Да се достави дозвола или согласност-мислење од МЖСПП за сечењето на дрвната маса кое се планира да се изврши од коритото и брегот на реката Дошница при изведбата на проектот изградба на мала хидроелектрана Баров Дол и Папрад. Се дава забрана за вршење сеча на дрвна маса од КП 793 КО Радња –Кавадарци сѐ до добивање на дозвола или согласност-мислење од МЖСПП“, пишува во решението од вонредениот инспекциски надзор.
Втората забелешка, која надлежниот државен инспектор за животна средина ја карактеризира како „техничка“, е дека од хидроелектраната Баров Дол зафатената вода ќе се води од таложницата до машинската зграда, по левиот брег од реката Дошница. Од увидот во градежната дозвола и проектот за инфраструктура, водењето на водата на овој дел било по десниот брег на Дошница.
- ГРЕТА ТУНБЕРГ ЗАИГРА ОРО И СЕ ПРИКЛУЧИ НА БЛОКАДАТА ЗА СПАС НА ДОШНИЦА НА КОЖУФ
- РЕКАТА ДОШНИЦА НЕ ЈА ДАВАМЕ! – ЕКО-АКТИВИСТИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ НА КОЖУФ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ
Еко-активистите од неколку граѓански иницијативи од целата земја 45 дена протестираат за спас на реката Дошница, да се сопре изградбата на двете хидроцентрали. Вчера објавија дека дел од градежната механизација била повлечена од терен.
„Приватната фирма која изнајмуваше машини за изградба на хидроелектраната на реката Дошница се повлече. Ова е доказ дека народниот отпор е посилен од секој профит. Им благодариме за свесноста и одлуката да не се стават на страната на уништувачите“, соопштија од Changemakers4all, една од иницијативите кои го блокираат пристапот до Дошница заради спас на една од најчистите реки во земјата, но нагласија дека битката не е завршена.
„Сега гледаме право во очи на ЈЕС ДООЕЛ – Хидро Дошница: Повлечете се, или народот ќе ве повлече! Властите – ако имате грам чест и достоинство, веднаш поништете ја оваа срамна дозвола! Државата не е приватна играчка, реките не се стока, а народот не е робје. Ние не се тргнуваме, ниту отстапуваме. Ќе стоиме до крај, со глас, со тело и со срце! Ова е нашата земја, ова е нашата вода, ова е нашата победа што доаѓа!“, соопшти граѓанската иницијатива.
На 26 јули, една од најпознатите светски активистки Грета Тунберг им даде голем поттик на македонските еко-активисти откако им се придружи на блокадата против изградбата на мала хидроцентрала на реката Дошница.
Реката Дошница извира од планината Кожуф и во нејзината должина од 40 километри има исклучително убава природа. Министерството за животна средина, дел од масивот на планината Кожуф го идентификува како емералд подрачje, територија со висока природна вредност, значајна за зачувување на биолошката разновидност во Европа.
П. ПЕЧКОВ