Високи бранови удираат во охридскиот брег и дува ветер со шеесетина километри на час, а повремено и со поголема силина.
На градското пристаниште во Охрид загрозени се и вкотвените бродови. Бродот „Викторија“ се откачи од навозот. Очевидци велат дека од Мостот на желбите летале летви во Езерото, а целата конструкција на мостот е разнишана. Засега нема податоци за евентуални штети на објектите во крајбрежните населби Канео, Пештани и Трпејца.
Од Управата за хидрометеоролошки работи потврдија дека во Охрид имало силен ветар што предизвикал штети и бил со брзина од 80-90 км/ч. Оттаму велат дека се очекува силниот ветер да продолжи во југозападниот дел од земјата.
За утре од УХМР најавуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во раните утрински часови во западниот дел од земјата нестабилното и променливо време ќе биде поизразено, а околу пладне во источните делови е можно да наврнат над 15 литри на метар квадратен. Утринската температура ќе се движи од осум до 12, а дневната од 12 до 18 степени.
Посвежо време со врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни ќе има и во текот на наредната недела, освен во вторник кога ќе биде претежно суво. На планините ќе врне снег. Во четврток се очекува значително заладување, па врнежите речиси насекаде ќе бидат од снег.
Д. ЧУБРИЌ