Делегација на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија (СБМ) од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи се сретнаа со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која даде поддршка за нивното барање да не се менуваат имињата на улиците со национални дејци од антифашистичкото минато во Тетово.
„Нашите претставници јасно укажаа дека се против промената на имињата на улиците во Општина Тетово која е иницирана од локалното раководство. Побаравме јасна поддршка од претседателката против овој чин, со кој се бришат имињата на народните херои. Сојузот на борци цврсто и непоколебливо стои на ставот дека не смее да се дозволи промена на имињата на улиците дадени според народните херои и борците за слободна, независна и демократска македонска држава и ќе ги искористи сите правни механизми за заштита и спречување на оваа постапка“, информираат од Сојузот на борци.
Силјановска-Давкова изразила поддршка и побарала Сојузот на борци да биде истраен во ова барање.
„Со претставниците на Сојузот на борци евоциравме спомени за годините од и по НОБ. Како ќерка на борец во НОБ, до денес ги паметам бројните приказни од неговите соборци за пожртвуваноста на татко ми, за која се закитил со три ордени за храброст. Со потомците на борците од НОБ денеска се согласивме дека не смееме да ја заборавиме историјата и дека почитувајќи ги личностите кои биле дел од антифашистичката борба, покажуваме дека сме биле и остануваме на страната на прогресот. Хероите кои ни ја донеле слободата не се измислени. Нивните имиња кажуваат, нивните имиња раскажуваат историска вистина. Тие се дел од нашето национално и културно наследство и заслужуваат неизмерна почит. Затоа Сојузот на борци мора да биде истраен во своите барања да не се менуваат имињата на дел од улиците во Тетово кои носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато. Сите имаме одговорност кон историјата и истата треба да им ја оставиме на нашите деца“, изјавила претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Од СБМ најавуваат дека ќе побараат поддршка од повеќе општествени и државни чинители, меѓу кои и од високи државни претставници, пратеници и организации.
З. АНДОНОВ