СИЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО ОХРИД РАЗУРНА ТЕРАСИ И ОЏАЦИ И ИСПУКА ТАВАНИ

    СИЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО ОХРИД РАЗУРНА ТЕРАСИ И ОЏАЦИ И ИСПУКА ТАВАНИУрната тераса во Охрид по денешниот земјотрес од 5 степени. (Фото: СДК.МК)

    Во првиот час по земјотресот, охриѓани пријавиле урнати оџаци, распукани тавани и оштетени коли, а има и падната тераса. Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи изјави дека веќе добиле известување за пријавени штети од Центарот за управување со кризи во Охрид.

    „Имавме пет-шест пријави на штети од граѓани. Охриѓани се пожалија на разурнати оџаци, испукани тавани, оштетени коли и паднати дрвја. Тоа е засега бројот и видот на пријавените, штети“, рече портпаролката Вчкова.

    Од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) велат дека беспотребно се шири паника дека земјотресите се резултат на вулканска активност на Косел.
    „И овој посилен земјотрес е резултат на тектонско движење на раседните плочи. Во никој случај не станува збор за вулканска активност, во Македонија нема активни вулкани. Во охридскиот регион има два раседи кои се активни последниве неколку години“, вели Михаил Гаревски, директор на ИЗИИС.

    За земјотресите со јачина како последниот во Охрид, Гаревски вели дека не треба да направат оштетувања на конструкциите на објектите, доколку се градени според важечките прописи. Разурнатите оџаци и искршените тавани се, како што вели Гаревски, козметички оштетувања кои не влијаат на конструкцијата на објектот.

    Земјотрес од 5 степени по европската макросеизмичка скала се почувствува во Охрид во 13.18 часот. Епицентарот на земјотресот бил на 12 километри североисточно од Охрид, на 5 километри од Косел и на длабочина од 10 километри. По овој земјотрес сеизмолошките опсерватории регистрираа уште три помали земјотреси со јачина од 3 степени, 2,6 степени и 2,8 степени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира