Музејот на Град Скопје е во мрак. Симболот на градот е оставен без осветлување на надворешната фасада, а околу него светат новите објекти кои ги гради турскиот инвеститор „Лимак“.
Светло има само пред влезот на Музејот, но ниту стрелките од часовникот кои се потсетник на катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, ниту фасадата и буквите на Јосип Броз Тито навечер не се гледаат. Дури и уличното светло на крстосницата на крајот на улица Македонија не свети. Околу Музејот на Град Скопје уште стојат тараби кои беа поставени додека се изведуваа градежните работи на трговскиот центар.
За разлика од фасадата на Старата железничка станица која е споменик на катастрофалниот земјотрес и потсетник зошто Скопје се вика „Град на солидарноста“, новиот трговскиот центар „Дајмонд“ кој беше отворен пред три недели свети со сиот сјај.
Музејот на Град Скопје е под надлежност на Град Скопје. Градските власти до сега немаат поставено осветлување на симболот градот и во споредба со новите згради изгледа како напуштен објект.
Турскиот инвеститор уште кога почна со градбата најави дека Музејот на Град Скопје ќе биде соодветно заштитен и нема да биде засенет и скриен од новите градби.
„Музејот на Град Скопје е значаен културен споменик и важна знаменитост на Скопје под заштита на државата. За целиот комплекс ‘Дајмонд‘ е голема привилегија што се сместени непосредно до ова значајно културно-историско наследство, кое го посетуваат многу домашни и странски посетители на Скопје. Почитувајќи ја исклучителната важност на Музејот на Скопје, создадовме интегрирано архитектонско решение што го спојува новото со традицијата на градот. Дополнително, многуте разновидни содржини вклучувајќи забава за сите возрасни групи, широка гастрономска понуда, културни и уметнички настани и нови шопинг искуства, заедно со содржините што ги нуди Музејот на Град Скопје, ќе овозможат овој дел од градот да биде атрактивна дестинација за сите жители“, велат од турскиот инвеститор „Лимак“.
А. АНТЕВСКА