СИТЕ ДА СЕ ЗДРАВИ И ЖИВИ И НА 84 ГОДИНИ ДА СЕ КАЧУВААТ НА ПЛАНИНА, РЕЧЕ ФОТОГРАФОТ ПЕТАР СТАВРЕВ КОЈ ПО 34. ПАТ СЕ ИСКАЧИ НА ПЕЛИСТЕР СО ШАМПАЊ В РАЦЕ

    СИТЕ ДА СЕ ЗДРАВИ И ЖИВИ И НА 84 ГОДИНИ ДА СЕ КАЧУВААТ НА ПЛАНИНА, РЕЧЕ ФОТОГРАФОТ ПЕТАР СТАВРЕВ КОЈ ПО 34. ПАТ СЕ ИСКАЧИ НА ПЕЛИСТЕР СО ШАМПАЊ В РАЦЕOсвојување на врвот Пелистер на 2.601 метар надморска височина и покрај снегот мина без проблем. (Фото С. Ставрев)

    Неуморниот битолски планинар, фотограф, новинар и публицист Петар Ставрев, на 84 години ја продолжи традицијата која трае 34 години и на втори јануари со шампањ в раце се искачи на врвот Антена на Пелистер, и на вработените од пунктот на Радиодифузија им ја честита новата година. Шишето шампањ му го врачи на Васко Ивановски, кој за празниците е дежурен на пунктот и додека другите слават, внимава телевизискиот сингал да биде во ред.

    Во планинарскиот поход за освојување на врвот Пелистер на 2.601 метар надморска височина го придружуваше и син му Сашо Ставрев, исто така истакнат фотограф и голем вљубеник во планината. Патот иако голем дел во снег, го поминаа без никаков проблем.

    „Посакувам сите да се здрави и живи и на 84 години да се качуваат на планина оти ова искачување носи здравје. Посебно на сите љубители на планината им препорачувам престој во природа“, рече Петар Ставрев.

    Традицијата за искачување на Антена  на вториот ден од новата година ја зпочнал пред скоро три и пол децении, кога како новинар размислувал што може за празниците да подготви како интересен текст.

    „Дознав дека на Пелистер на 2.601 метар, на највисоката точка, се наоѓаат неколку луѓе, вработени, кои мора да дежураат и да работат иако е Нова година. Направив обид да се искачам. За да не одам празен, реков да им ја честитам Нова година со шампањско и добри желби“, вели Ставрев и си  посака здравје и вгодина да ја продолжи традицијата, зашто ќе биде јубилеен 35. пат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира