Сите градинки, училишта, културни домови и спортски сали се безбедни, велат од Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) по спроведените вонредни контроли. Контролата следеше по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.
Како што кажа претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, во сите Општини се спроведени контроли во кои покрај општинските инспектори биле вклучени и инспектори од централната власт.
„Сите Општини спроведоа контроли во градинките, училиштата, културните домови, спортските сали и други јавни објекти и заклучено е дека сите се безбедни, граѓаните можат да бидат спокојни. Препорака ќе дадеме да се спроведат строги контроли во сите станбени згради и потемелни контроли на сите урбани опреми поставени во секоја општина“, рече Ѓорѓиевски.
Во голем број кафулиња и кафеани биле констатирани недостатоци за летните тераси и како што рекоа од ЗЕЛС, ќе им се даде време од еден месец сите угостители да ги отстранат тие неправилности.
Од ЗЕЛС кажаа дека одредени Општини се соочуваат со недостаток на инспектори, па затоа ќе се позајмуваат инспектори од други Општини за да може секаде да се спроведе контрола.
На седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС е донесена препорака да се откажат сите манифестации кои ги имале предвидено Општините и тие средства да се пренаменат за садење дрва во чест на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
А. АНТЕВСКА