СКИ-ЦЕНТАРОТ КОЖУФ БЕШЕ КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА НА РУДНИЦИТЕ ЗА БАКАР И ЗЛАТО КОИ ТРЕБАШЕ ТАМУ ДА СЕ ГРАДАТ

    СКИ-ЦЕНТАРОТ КОЖУФ БЕШЕ КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА НА РУДНИЦИТЕ ЗА БАКАР И ЗЛАТО КОИ ТРЕБАШЕ ТАМУ ДА СЕ ГРАДАТПо доделувањето на концесиите за рудниците, Општина Кавадарци престанала да издава градежни дозволи, ја исклучила струјата, а патот бил затворен за користење. (Фото: СДК.МК)

    Ски-центарот Кожуф беше колатерална штета поради рудниците. Тој настрада поради една неразумна одлука на Владата на Никола Груевски од 2012 да се даде концесија за 22 рудници за бакар и злато“, вели Ангел Наков, некогашниот прв човек на ски-центарот Кожуф, кој седум години е во стечај.

    Тој со гордост додава дека ски-центарот со 19 милиони евра бил прва гринфилд инвестиција во туризмот на Балканот на површина од 45 хектари.

    Изградивме наш далновод од 13 километри, подземен далновод, за локалитетот има ГУП, има ДУП. Имавме прва шестоседна жичница на Балканот, два ски-лифта, топови за вештачки снег. Владата увиде дека тоа е добар проект и во 2009 донесе одлука да се изгради пристапен пат до ски-центарот. Го градеше ‘Гранит‘ три години. Додека се градеше патот, ски-центарот не можеше да работи. Патот беше многу квалитетен, широк седум метри, еден од најдобрите планински патишта на Балканот. Но, штом се изгради, Државниот инспекторат за транспорт го затвори за сообраќај оти бил небезбеден. Така девет милиони евра, колку што чинеше патот, стојат неискористени девет години, ниеден ден не беше отворен за сообраќај“, додава Наков.

    Тој раскажува како започна падот на оваа инвестиција, која беше гордост за љубителите на планинскиот туризам и имаше голема иднина.

    Во 2012, Владата на Груевски донесе одлука за издавање 22 концесии за рудници за бакар и злато, без информации за јавноста. Четири се на Кожуф, а два од нив се буквално на самиот ски-центар. Рудниците се од отворен тип, со површина од 3.000 хектари или површина колку Скопје. Ете, толкава површина требаше да стане кратер, каде што требаше рудата да се експлоатира. Златото требаше да се извлекува со цијанид. Тоа би значело уништување на природата и контаминација на земјата. Такви рудници нема во Европа, освен некаде во Африка, во пустините. И нашата Влада го прифати тоа, не за еден рудник, туку за 22. Тоа се Иловица, Двориште, Кадиица во Пехчево… Јавноста треба да знае дека не се работи за некои големи количини злато. Тоа се 0,3-0,4 грама злато не еден тон руда, што е секаде присутно, и во Словенија и во Чешка. Швајцарците имаат еден грам на тон. Но, никаде никој не даде дозволи за ваков тип рударство како кај нас“, вели Наков.

    По доделувањето на концесиите за рудниците, Општина Кавадарци престанала да издава градежни дозволи, ја исклучила струјата, а патот бил затворен за користење.

    Во 2016 сфативме дека во позадина на нашето уништување е рударството. Затоа се отвори стечај во 2016. Добро е што Гевгелија на референдум имаше 90 отсто излезеност и кажа ‘не‘ за рудниците на Кожуф. Ако тие рудници проработеа, што ќе се случеше со водоснабдувањето на југот од земјава. Кожуф ги снабдува со вода за пиење Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, Гевгелија, Богданци и Валандово. Овие десет години ски-центарот е оставен на милост и немилост на времето. Како основачи сме таму, го чуваме имотот, ако не бевме ние, ќе немаше ниту еден штраф“, вели Наков.

    По седум години стечај, деновиве беше продаден движниот имот на ски-центарот Кожув. Купувач е скопска фирма, која за 21,5 милиони денари ќе стане сопственик на скијачкиот дел. Наков се надева дека тоа ќе значи нов живот за скијачкиот центар.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира