СКОПЈЕ НЕИСКОСЕНО, ОД „ПАРКОВИ“ ВЕЛАТ ДЕКА КОСАТ, НО ДОЖДОВИТЕ ГИ ОТЕЖНАЛЕ РЕДОВНИТЕ АКТИВНОСТИ

    СКОПЈЕ НЕИСКОСЕНО, ОД „ПАРКОВИ“ ВЕЛАТ ДЕКА КОСАТ, НО ДОЖДОВИТЕ ГИ ОТЕЖНАЛЕ РЕДОВНИТЕ АКТИВНОСТИКејот на Вардар во населбата Влае. (Фото: СДК.МК)

    Голем дел од Скопје е неискосен. Обраснати со трева се парковите, патеките со зеленило покрај булеварите и кејот на Вардар. Искосени се само средишните жардинери на булеварите.

    Од ЈП „Паркови и зеленило“, кое е задолжено за одржување на зеленилото низ градот, велат дека редовно косат, но поради дождовите им се отежнале работните активности. Додаваат дека не се само тие надлежни за косење на тревата низ Скопје, туку и општините, кои треба да интервенираат низ населбите.

    Парк во населбата Капиштец. (Фото: СДК.МК)

    „Оперативни екипи на ЈП ‘Паркови и зеленило‘ се ангажирани максимално на терен и според планот за работа, во сите реони на булеварското зеленило и парковите ги вршат редовните активности за уредување и одржување на зеленилото, вршејќи косење, собирање откос, хартија и отпадоци, товарење на собраната маса, кастрење и обликување на вегетација, третирање на растенијата за заштита од разни видови штетници, подготовка на цветните леи за претстојното садење и други активности. Неповолните временски услови и обилните дождови во последниот период го отежнаа редовното косење, но со стабилизирање на времето, активностите на екипите се интензивирани на терен, со оглед дека е сезона на забрзан раст на тревата“, велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира