СКОПЈЕ НЕМА ЗАГАДУВАЊЕ СО АРСЕН, САМО СО КАДМИУМ, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ СТАФИЛОВ ПО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕКОЛОГИСТИТЕ

    СКОПЈЕ НЕМА ЗАГАДУВАЊЕ СО АРСЕН, САМО СО КАДМИУМ, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ СТАФИЛОВ ПО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕКОЛОГИСТИТЕЗагадувањето на Скопје со кадмиум е резултат на прашината од „Макстил“, вели Стафилов (Фото: СДК.МК)

    Скопје има загадување само со кадмиум, сè друго е резултат на литолошко потекло. Ова го тврди професорот д-р Трајче Стафилов, реагирајќи на неодамна објавените резултати на екологистите дека почвата во главниот град е со високи концентрации на арсен.

    „Со анализа на една бавча да се тврди дека има арсен и да се генерализира дека почвата во Скопско е загадена, тоа не е точно. Просечната вредност на присуството на арсен во почвата во Скопско е 14 ппм, а целната е 29, односно има половина од дозволената. Интервентна вредност е 55 ппм. Присуството на арсен е од литогено потекло. Слично е и во Полошки регион. Не може со две проби кај ‘Југохром‘ и во градот Тетово да се тврди дека Полог е загаден со токсичен арсен. Не е точно, присуството на арсен во овој регион е од литолошко потекло, што на геолозите им е познато“, кажа д-р Стафилов.

    Ова негова реакција доаѓа по неодамна објавените резултати на екологистите дека почвата во Полог и Скопско има загрижувачко високо ниво на арсен. Тој побара овие констатации да се повлечат, во интерес на граѓаните од овие два региона. Во однос на загадувањето на главниот град, според Стафилов, тоа е само од тешкиот метал кадмиум.

    „Загадувањето на Скопје со кадмиум е резултат на прашината од ‘Макстил‘. Железото не е опасно по живот. Кога ‘Макстил‘ работеше со полн капацитет, тоа беше со 5.000 тони годишно, отпадот се одлагаше во дворот близу до челичарницата. Таа депонија е извонредно богата со цинк, бакар и олово и прашината богата со него се дистрибуира со ветерот. Така Скопје и се контаминира со тешки метали. Не во таков обем како Велес, но загадува, а на ‘Макстил‘ секоја година му се пролонгира дозволата од Инспекторатот со образложение ‘ај решете го проблемот‘“, кажа Стафилов на трибина во Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира