Ниту годинава луна паркот во Скопје нема да проработи. Иако градоначалничката Данела Арсовска лани во декември, еден месец по нејзиното доаѓање на фунцкијата, најави дека луна паркот годинава ќе биде пуштен во употреба со оние 7 реквизити набавени уште пред 6 години во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски.
„По Нова година ќе започне уредувањето на новиот луна парк, нема да чекаме уште 4 години. Ќе се пристапи кон монтирање на реквизитите кои се веќе набавени, а се вклопуваат и во новата проектна документација, за паркот да биде функционален. Дополнително ќе се набават 20 нови реквизити како што е предвидено со проектот“, рече лани во декември градоначалничката Арсовска.
Но, оваа најава не само што не се реализираше туку на терен не се работи ништо, не е почнато ниту партерното уредување. Просторот стои ограден, запуштен и обраснат.
Арсовска сега вели дека проектот е во завршна фаза и наскоро ќе почне партерното уредување.
„Јас реков дека ниту еден проект кој што е отпочнат нема да биде прекинат. Ова е проект кој минатиот градоначалник Петре Шилегов го отпочнал и го има донесено до една фаза, сега ние го донесовме до завршна фаза. Ќе почнеме со партерното уредување и со монтирање на дел од реквизитите, а потоа ќе продолжиме и со останатите содржини за да им овозможиме на најмладите место за забава“, вели Арсовска.
Скопје нема забавен парк веќе 7 години. Ексградоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на функцијата го прекина проектот почнат од неговиот претходник Коце Трајановски, со образложение дека не е добар и дека во Скопје наместо луна парк ќе се гради забавен парк, на поголема површина и со многу повеќе реквизити за сите возрасти.
Потоа, беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“ која беше презентирана во 2019 и подарена на Град Скопје. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени во времето на Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20, како панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил.
Според проектот, забавниот парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца, а ќе има и неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како место за храна, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети.
Новиот забавен парк, според проекциите на Градот, ќе чини околу 12 милиони евра.
А. АНТЕВСКА