СЛЕПИТЕ ЛИЦА ГИ ВИДОА ДЕЛАТА НА МАРТИНОВСКИ И ЛИЧЕНОВСКИ СО ТАКТИЛНИ СЛИКИ

    СЛЕПИТЕ ЛИЦА ГИ ВИДОА ДЕЛАТА НА МАРТИНОВСКИ И ЛИЧЕНОВСКИ СО ТАКТИЛНИ СЛИКИВо Битолскиот завод и музеј, преку татилни слики, Брајово писмо и код кој ако се слика со паметните телефони се добива и аудионарација и видеа на знаковен јазик, се претставени 37 дела. (Фото: СДК.МК)

    До сега делата на големите македонски уметници Мартиновски и Личеновски ни беа чиста апстракција. Не можевме да ги доживееме. Сега, со проектот на битолскиот Завод и музеј со тактилни слики кои имаат текстови со описи на Брајово писмо, код и аудио нарација достапно ни е и движното културно наследство, посебно делата од современата уметност, вели Миле Гиневски, лице со оштетен вид, инаку допломиран психолог во пензија.

    На изложбата на 16 предмети од одделот за современа уметност, и тоа 14 слики и 2 скулптури кои се достапни за слепи и слабовиди лица, Гиневски со брзина со која другите лица ја читаат кирилицата, го читаше текстот со Брајово писмо.

    „Битола од секогаш била пионер за новини за лицата со оштетен вид. Оттука започна и образованието на слепите во 1946 година, па се прошири и во Скопје, а и она што сега го прави Музејот треба и другите институции да го направат. На времето немавме многу можности, па јас факултетот го завршив со тоа што колешките студенти по психологија ми ги читаа лекциите, а јас ги снимав на магнетофон. Еден таков уред беше колку еден месец престој во студентски дом. Се прочитаа илјадници страници и јас така учев“, кажува Гиневски.

    Проектот го започна д-р Ирена Ружин (прва од десно), вработена во битолскиот Завод и музеј. (Фото: СДК.МК)

    Лани преку татилни слики, Брајово писмо и код кој ако се слика со паметните телефони се добива и аудио нарација и видеа на знаковен јазик беа претставени 21 дело, а годинава уште 16, вкупно 37. Проектот го започна д-р Ирена Ружин, вработена во битолскиот Завод и музеј.

    „Гледав луѓе во колички како доаѓаат и како чекаат останатите од групата да го разгледаат музејот. Исто така и слабовидни лица кои не можеа ништо да видат од уметноста. Им пристапив и им кажав што може сѐ да се види внатре. Велеа убаво е тоа, ама да биде достапно и за нас. Така решив да се пријавам на конкурсот на Балканската музејска мрежа и три години посетував обуки од врвни експерти од Велика Британија за тоа како да се направат музеите достапни за сите попречености. Во апликацијата тогаш услов беше барем два часа да посветуваш на пристапноста, а јас денес по цел ден се трудам тоа да го спроведам на дело“, рече Ружин.

    Членови на нејзиниот тим се м-р Јове Парговски, координатор и ИТ, Татјана Мијатовиќ за изработка на тактилните слики, Владо Ѓорески за текстови, Тесалија Жирова за текстови на Брајово писмо, Милена Милошевиќ-Мициќ консултант, Катерина Шарковска за знаковен јазик, Силвана Петрова Насух е наратор и Кочов студио за превод на англиски јазик и техничка подготовка на слики. Проектот е
    поддржан и од Министерство за култура.

    Слично на ова и Општина Битола ќе стане подостапна за слепите и слабовидни лица.

    „Општина Битола веќе има јавна набавка за подвижна рампа на лицата со попреченост при движењето и денес ете разговаравме дека по примерот на Завод и музеј, во најмала рака она што треба да го направиеме како следен чекор е самите простории кои се наоѓаат во општинската зграда, при влезот, да бидат достапни и за лицата со попреченост на видот, со тоа што со Брајово писмо ќе бидат назначени точно која просторија какви услуги нуди“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари