Книги на Брајово писмо, техника која ги зголемува фонтовите на пишани текстови, компјутери со аудиопрограма која овозможува преку говор да се користи Интернет, сето ова е само дел од можностите што се на располагање во Регионалниот ресурсен центар за слепи и лица со оштетен вид што се отвори во Битола. Центарот сместен во месната заедница „Коле Лачето“ ќе ги опслужува лицата кои имаат проблеми со видот од општините Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар и Ресен. Отворен е со помош на локалната, централната власт и УНДП и УСАИД, а останува во сопственост на Здружението на слепи лица од Битола.
„Зградата се реновира, внатрешноста се опреми со лаптопи и со говорна програма која ќе му помага на слепото лице бидејќи не гледа, нема да го чита мејлот, туку компјутерот ќе го чита. Таа програма чини многу. Има сензорен екран, долу се става весник или книга и оној кој е слабовиден со диоптер 3, 4, 5 ќе може слободно да го користи, бидејќи сензорната табла го зголемува фонтот на буквите. Има шах и домино за слепи “, рече Стевче Костадиновски, претседател на Здружението на слепи лица од Битола.
Ова е единствен ресурсен центар во земјава со кој ќе управува здружение. Сепак, општините од Пелагонискиот Регион во иднина ќе извојуваат пари од буџетот за тој да може нормално да функционира.
„За овој центар да биде одржлив во следниот период Советите на сите овие општини ќе издвојат два отсто од средствата наменети за здруженија на граѓани со што ќе се овозможи и во следниот период овој центар да функционира без пречки, односно да врши инклузија на лицата кои имаа попреченост. Ова е пример како може месните заедници да бидат ставени во функција на граѓаните“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Во регионот кој го покрива битолското здружение има 220 слепи лица, од кои пет мали деца. На отворањето на Центарот не се сечеа ленти, туку малата Барбара, девојче со оштетен вид од Битола, ја повлече црвената панделка.
„Центарот се простира на 500 квадратни метри со сите неопходни услови за нашите сограѓани со попреченост. Ние во духот на концептот ‘Eдно општество за сите’ решивме да го иницираме овој проект за да се овозможат еднавки услови за живот и равој на сите наши сограѓани“, рече пратеникот Александар Кирацовски.
Од УСАИД помогнале да се обезбеди технологијата во Центарот.
„Децата со оштетен вид тука ќе имаат можност на програмиран и структуриран начин да ги поминат нивните денови за едукација за зголемување на степенот на работоспособни лица од категоријата на лица со оштетен вид. Слично искуство со проектот на УСАИД имаме во Скопје каде функционира центар за поддршка во рамки на Црвен крст, па слепите лица учат разни курсеви, Брајово писмо, англиски јазик, компјутери и многу активности спортски, пливање, креативни работилници, уметност, изработка од витраж“, рече Шптим Љатифи директор на проектот на УСАИД и Лајонс за децата со пречки во видот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА