Во Основниот суд во Охрид, поради тоа што на одбраната не ѝ биле доставени сите докази предложени од Обвинителството, денеска се одложи судењето за нападот на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид, именуван според царот од времето на бугарската фашистичка окупација на Македонија, што се случи на 19 јануари пред кафе бар во центарот на градот.
Судијата Бојан Мартиноски главната расправа ја закажа за 5 април кога треба да се сослушаат сведоци, но и да даде исказ обвинетиот Илија Спасески, кој се товари за кривично дело напад од омраза со тешки повреди за што е предвидена казна затвор од една до пет години. Бранителот на обвинетиот, Димитрија Цобоски рече дека во текот на доказната постапка одбраната ќе предлага докази контра доказите на обвинението.
„Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа кога тој самиот кажа дека тоне бродот и кога е воспитан секого да сака, најмалку да мрази па било кого. На ова се дава еден политички акцент кој се исполитизира до едни страшни граници што може само да штети во целата постапка. Ова е чисто политичка работа“, изјави Цобоски.
Пендиков не се појави во судницата иако претходно Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид побара тој како оштетен да учествува во постапката во својство на сведок. Неговиот бранител, Стефан Камишески пред Судот кажа дека не ја знае неговата адреса, но кажа дека поради здравствени причини Пендиков не може да дојде на судење. Рече дека сè уште се лекува, не може да патува и има проблеми со говорот но како негов бранител не го гледал интервјуто кој Пендиков неодамна го даде за бугарска телевизија.
„Ќе се појави веднаш штом заврши со лекувањето. Адресата кога ќе ми ја каже ќе ја доставам до Судот. Ние моментално немаме аргументи за одбрана, само го застапувам како жртва и оштетен во кривичното дело. Аргументите треба да ги изложи обвинителството и одбраната. Ние како оштетена страна ќе предјавиме отштетно побарување во текот на постапката“ рече Камишески.
Одбраната на обвинетиот пак вели дека неспорна е повредата на Пендиков на долната вилица, но сè друго укажува дека тој може да патува и може да биде присутен на расправата, но очигледно станува збор за тактизирање. Цобоски рече дека во изјавите кои ги дава Пендиков за Бугарската национална телевизија вели дека тој не знае кој го удрил, кој го шутирал и дека бил тепан 10 минути, но од видеоснимките се гледа сосема друга состојба.
Обвинителство експресно го изготви обвинението според кое Спасески, кој беше уапсен неколку дена по нападот, заедно со 23-годишниот битолчанец како соизвршител во нападот, од омраза поради национална и етничка припадност тешко телесно го повредиле Пендиков. За време на истражната постапка Спасески се бранел со молчење, но се товари за ова кривично дело врз основа на снимките од видеонадзорот и изјавите на сослушаните сведоци.
Пендиков по инцидентот со бугарски владин авион беше транспортиран на лекување во Бугарија каде доби државјанство, стан и обезбедување а како што најави бугарската потпретседателка Илијана Јотова ќе му биде обезбедена и стипендија да студира во Софија.
С. ВРЕНЦОВСКА