Здравствениот дом во Вевчани за август доби сметка за потрошена електрична енергија од 228.000 денари, што е за десет пати повисока во однос на истиот месец лани кога фактурата била 29.000 денари.
„Киловат час на слободниот пазар минатата година го плаќавме 3,7 денари, а сега е 37 денари. Во исто време сме направиле заштеда. Лани сме потрошиле 6.394 киловати, а годинава 5.342 што е скоро 10 отсто помалку, но сметката е за десет пати повисока“, вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“.
Стојкоски вели дека установата не може да ја плати сметката од сопствениот буџет. Испратиле допис и до Министерството за здравство и до Фондот за здравствено осигурување за надминување на проблемите предизвикани од енергетската криза.
„Со ова темпо, со оглед на буџетот кој што го имаме, кој што е еднаков или дури и помал од ланскиот, и покрај сите наши напори ни се чини дека ќе бидеме доведени во многу тешка ситуација. Само со поддршка и зголемување на буџетот можеме да излеземе од оваа криза во овој момент“, смета Стојкоски.
Дополнителен товар е и зголемувањето на цената на нафтата, која е 50 посто повисока од лани.
„Нафтата за греење е изедначена по цена со дизел горивото. Така што, во однос на лани во тој дел нашата потрошувачка е 15 до 20 тони на ниво на година, и ќе имаме зголемување за околу 50 проценти. Ќе мора да бидеме субвенционирани за да можеме да ја вршиме дејноста, во спротивно од добавувачите ќе бидеме блокирани во работењето. Прашање на време е до кога ќе издржиме со овие цени на енергенсите“, додава Стојкоски.
Според одлуката на Владата, сите јавни здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ со продажба по поповолна цена од берзанската.
„Општата производна цена на ЕСМ во моментов е некаде околу 70 евра за мегават час, а сигурно и основните училишта и средните училишта ќе се субвенционираат по иста цена од Владата, тоа важи и за клиниките и за болниците“, соопшти Владата.
С. ВРЕНЦОВСКА