На три различни локации во Штип на вкупна површина од еден хектар ќе се градат зелени паркови со европски пари од програмата за меѓугранична соработка со Бугарија, каде исто така во неколку градови ќе има трансформирање на урбани делови во зелена инфраструктура. Директорот на Центарот за развој на Источниот Плански Регион (ИПР) во Македонија, Трајче Здравков, вели дека овој втор проект од меѓуграничната соработка ќе биде вовед во соработката за наредните години и дека треба вакви проекти да се градат и во останатите градови од ИПР.
„Зелените паркови во Штип ќе се градат две години и ќе чинат 280.000 евра европски пари, но со 15 проценти ќе учествува и Општината Штип. Првиот зелен парк започна да се гради денеска во населбата 8 Ноември веднаш до градинката и пешачката патека покрај реката Брегалница. На површина од 5.000 квадратни метри ќе бидат и останатите паркови, кај Медицинското училиште и меѓу станбените блокови, кои ќе бидат поврзани со уреден зелен парк“, вели Здравков.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, рече дека Општина Штип предвидува уредена зелена површина покрај булеварот Партизанска на површина од 70 хектари.
„Зелен парк се планира и во месноста К’ртеќе, каде се предвидува авантуристички адреналински парк, а потоа ќе се подигне зелен парк на површина од 18 хектари и кај бањата Кежовица, со што Штип и неговата околина ќе добијат комплетна зелена трансформација која ќе биде во интерес на граѓаните “, вели Јорданов.
Т. ЈОВАНОВСКИ