Преку ЕУ фондови набавен е камион за собирање комунален смет со мала големина и дополнителна опрема во вредност од 82.750 евра, со кој ќе се собира отпадот во населбата Баир, каде претежно живее ромско насление. Поради тесните и стрмни улички, собирањето на комуналното ѓубре во овој дел од градот беше ограничено, па во околните места настануваа диви депонии.
„Граѓаните од населбата Баир во 2022 година беа вклучени во инфо средби од јавен карактер и го истакнаа проблемот со собирање на отпад и недостиг на контејнери во населбата. Општина Битола, сензибилизрана за овој проблем, во соработка со проектот финансиран од ЕУ го набави камионот како значаен чекор за решавање на ситуацијата. Остануваат проблемите со реконструкција на улиците, Општината и проектот работеа изминатите години на тоа и уште треба во континуитет да се работи на овие предизвици“, рече Климентина Ѓоргиоска, проектен менаџер на „Баир – здружена акција на Битола за вклучување Роми“.
Камионот е предаден на користење на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола. Директорот Горан Спасеновски рече дека стандардните камиони не се во можност да го собираат сметот во сите делови на Баир, па со новото возило ефикасно ќе се одржува хигиената. Во следните три месеци ќе се реализираат деталните урбанистички планови за населба Баир со опфат од 30 хектари.
„Еден од главните предизвици поради структурата на населбата Баир е собирањето на комуналниот отпад, одржувањето на јавните површини, хигиената и хортикултурното уредување. Беше извршена и реконструкција на улици, а над 20 ромски домаќинства преку проектот имаа можност да извршат поставување ПВЦ дограма, обновување на фасада или кровна конструкција во легализираните објекти каде живеат“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Проектот е финансиран од Европската делегација и спроведен од италијанската невладина организација ЦОСВ, Општина Битола и ПРЕДА плус фондација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА