Двајца вработени во редарската служба на Град Скопје денеска беа нападнати од страна на лица кои со возило незаконски истураа отпад кај поранешната депонија Вардариште, соопштија од Град Скопје.
„Денеска двајца вработени во редарската служба на Град Скопје беа нападнати додека ја извршуваа нивната службена должност. Нападот се случи кај Вардариште од страна на лица кои со возило незаконски истураа отпад“, велат од Град Скопје.
Од Град Скопје велат дека едниот вработен се здоби со повреди поради што е хоспитализиран во Градската болница, а дополнително оштетено е и службеното возило со кое патролирале нападнатите редари. Повредениот редар бил тепан со пластична цевка, дознаваме неофицијално од извори од Град Скопје.
Случајот е пријавен во полиција, заедно со фотографии од возилото и лицата кои незаконски депонираа отпад и го извршија физичкиот напад на службените лица.