СО ПОЧЕТОКОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА СЕ ВЛОШИ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВО ТЕТОВО, СО ШТО И КОРОНАВИРУСОТ МОЖЕ ПОДОЛГО ДА СТОИ ВО ВОЗДУХОТ

СО ПОЧЕТОКОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА СЕ ВЛОШИ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВО ТЕТОВО, СО ШТО И КОРОНАВИРУСОТ МОЖЕ ПОДОЛГО ДА СТОИ ВО ВОЗДУХОТКоронавирусот може да се ‘накалеми‘ на ПМ-10 и ПМ-2,5 честичките, па може да стои во воздухот подолго од она што е вообичаено, вели д-р Ратко Давидовски (Фото: СДК.МК)

Почна грејната сезона во Тетово, а со тоа дојде и до скок на концентрацијата на ПМ-10 честичките, па тетовци повторно почнаа да дишат загаден воздух. Според податоците објавени на интернет страницата на Министерството за животна средина, во Тетово во изминатите пет дена е забележано надминување на дозволената граница од 50 микрограми ПМ-10 честички на кубен метар. Во саботата, концентрацијата на овие штетни материи во воздухот изнесуваше 110,7 микрограми на кубен метар, што е двојно повисоко од дозволеното.

„Грејната сезона почна и на тоа се должи зголемувањето на концентрацијата на ПМ-10 честичките. Ова може да ја влоши состојбата бидејќи коронавирусот ќе се ‘накалеми‘ на ПМ-10 и уште повеќе на ПМ-2,5 честичките и ќе може да стои во воздухот подолго од она што е вообичаено. Тоа е лоша комбинација бидејќи ПМ-10 се лебдечки честички, а кога ќе се надоврзаат и ниската температура и малата влажност на воздухот се предизвикува непосакуваниот ефект ‘перфектна бура‘“, вели д-р Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија при Центарот за јавно здравје во Тетово.

Според извештаите што ги објави Министерството за животна средина, од почетокот на 2020 имало 77 денови кога била надмината граничната вредност од 50 микрограми на кубен метар, што е двојно повеќе од дозволените 35 денови во текот на една календарската година.

Во 2019 Тетово имало 88 чисти денови, 120 денови воздухот бил загаден над дозволената граница, а за 157 денови нема податоци.

З. АНДОНОВ

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира