Речиси идентична е состојба и во втората по големина битолска градинка „Мајски цвет“ како во најголемата „Естреја Овадија-Мара“ во Битола, сооппштија од Министерството за труд и социјална политика. Министерството деновиве ѝ ги одзеде ингеренциите на Општина Битола да управува со градинката „Естреја Овадија-Мара“, откако Советот не ги донесе Годишната програма и извештај за работа на предучилишната установа, a не е изгласан ни член на Управен одбор (УО) од вработените, со што го попречи згрижувачко-воспитниот процес на околу 700 деца во девет објекти.
Од Министерството не соопштија дали истите мерки ќе ги преземат и во градинката „Мајски цвет“ каде се згрижени 670 деца, но велат дека до крај ќе се залагаат за спроведување на Законот за заштита на децата, со цел градинкиte да ја извршуваат својата функција.
„Речиси идентична состојба има и во ЈОУДГ ‘Мајски Цвет’- Битола, нема донесено Годишна програма, Извештај за работа во предучилишна установа, ниту е именуван член на УО од редот на вработените. Ќе продолжиме да се грижиме за сите деца згрижени во предучилишните установи и ќе ги спроведуваме одредбите од Законот за детска заштита, при што секогаш ќе се спротивставиме на обидите за политизација на законското работење на институцијата“, соопшти Министерството.
Со градинките раководат директори поставени во времето кога локалната власт беше предводена од СДСМ, а сега во раце ја има ВМРО-ДПМНЕ. Советниците од опозиционата СДСМ обвинија дека локалната власт без тронка одговорност ги остави градинките три месеци парализирани, без функционален Управен одбор.
Грдоначалникот Тони Коњановски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вчера одржа прес-конференција во Скопје на која обвини дека централната власт продолжува со опструкции директно удирајќи по воспитниот процес. Тој обвини дека членот на Упрваниот одбор во градинката бил избран нелегално и поради тоа не поминал на седница на Совет и дека за тоа го известиле Министерството, но тоа наместо да преземи мерки им ги одзеде ингеренциите.
Ова е прв случај во државата Министерството за труд и социјална политика да одземе ингеренции на некоја општина во управувањето во воспитна установа. Сега тоа ќе поставува и разрешува членови во Управниот одбор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА