СО САМО ЕДЕН ИНСПЕКТОР ШТИП НЕ МОЖЕ ДА ВОВЕДЕ РЕД ВО ОДЛАГАЊЕТО КОМУНАЛЕН ОТПАД, А РЕДАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ПРЕЗЕМАТ НИШТО И АКО ФАТАТ НЕКОГО НА ДЕЛО

    СО САМО ЕДЕН ИНСПЕКТОР ШТИП НЕ МОЖЕ ДА ВОВЕДЕ РЕД ВО ОДЛАГАЊЕТО КОМУНАЛЕН ОТПАД, А РЕДАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ПРЕЗЕМАТ НИШТО И АКО ФАТАТ НЕКОГО НА ДЕЛОДневно најмалку десет камиони со шут и земја се истовараат на единствената означена депонија во Штип, на крајот од населбата Пребег (Фото: СДК.МК)

    Во Штип, а и во некои други градови, не може да се воведе ред во складирањето на комуналниот отпад и расфрлувачите го оставаат каде што ќе стасаат. Само тројца комунални редари се малку за да можат да вршат 24-часовна контрола на складирањето на комуналниот отпад, а Општина Штип има и само еден комунален инспектор.

    Според теренските записи на комуналните редари во Штип, дневно најмалку десет камиони полни со шут и земја се истовараат на единствената означена депонија во Штип, на крајот од населбата Пребег. Но, наместо во долот што е предвиден за тоа, шутот и земјата често се истураат на првото можно застанување. Останатиот комунален и домашен отпад се фрла насекаде, па и покрај улиците и патиштата. Штипските комуналци велат дека самата депонија за земја и шут треба да се уреди, да има рампа за влез на камионите и да биде означена со патокази каде и каков отпад може да се истура.

    Неконтролираниот отпад е намален со акцијата што Општина Штип континуирано ја има за прифаќање на домашен кабаст отпад, стари кревети, шифоњери, дотраен мебел, расипана бела техника и слично. Граѓаните можат да ги изнесат во своите дворови, а комуналните јавни претпријатија ги товарат во својата механизација и ги носат на предвидени места за таков отпад.

    Градежната експанзија прави голем број стари куќи и други дотраени објекти да се рушат, а отпадниот материјал со камиони се носи во означената депонија ‘Пребег‘. Во Штип, десетина камиони на ден носат шут и земја, кои треба да бидат исфрлени на определените локации за тоа. Но, понекогаш, за да ги скратат патот и времето, тие го истураат отпадот на најблиските можни, најчесто недозволени места. Постојано сме во контрола, иако немаме доволен број комунални редари. Штип има само еден комунален инспектор и тројца комунални редари, кои физички не се во состојба деноноќно да контролираат и да вршат увид каде и како се фрла комуналниот отпад“, вели единствениот комунален инспектор во Општина Штип, Борче Везенков.

    Тој лани потпишал решенија за казни за 15 прекршители кои непрописно депонирале отпад, од кои 12 не ја платите казната во рок од осум дена според Законот за јавна чистота, па биле дадени на суд. Основниот суд инфомирал дека сите ја платиле казната од 40 евра или за одредени прекршоци од 150 до 300 евра. Исто така, минатата година се казнети и два правни субјекта и одговорните лица во нив. Нивната казна се движи од 1.500 до 2.000 евра, а за одговорното лице 300 евра.

    И да ги фатиме на самото место како истураат отпад каде што не треба, тие не дозволуваат да бидат легитимирани и си заминуваат, а ние поголеми ингеренции од тоа немаме“, велат комуналните редари.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира