Две момчиња од Бангладеш се борат за живот во Клиничкиот центар во Скопје, откако утринава околу 6.30 часот возило со 13 мигранти удрило во заштитна ограда на автопатот близу Велес. Станува збор за двајца мигранти на околу 20-тина години од Бангладеш на кои прва помош им дала екипата на итната помош од Велес и ги префрлила до велешка болница.
„Утрово околу 7 часот на хируршкото одделение донесени се две момчиња, мигранти повредени во сообраќајна незгода. По извршените претраги и снимања констатирано е дека имаат тешки телесни повреди и се во животно загрозувачка состојба. Пренесени се на клиниките во Скопје“, изјави Марина Андова, портпарол на ЈЗУ Општа Болница Велес.
Двете момчиња биле дел од поголема група мигранти која била превезувана со возило по автопатот Гевгелија-Скопје. Мигрантите кои побегнале по сообраќајката биле фатени на мостот на Вардар близу Велес, во колона како се движат по автопат. Според очевидци возилото удрило во заштитната ограда, во близина на автопатот после Градско, каде се градат новите кабини за наплата.
„На автопатот Градско – Велес, патничко возило „Рено еспас“ со струмички регистарски ознаки, управувано од непознато лице, удрило во заштитната ограда и се превртело. По незгодата, возачот побегнал од местото, а во возилото биле пронајдени 13 мигранти од кои двајца биле повредени“, изјави Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
П. ПЕЧКОВ