СОПРУГАТА Ѝ ПРИЗНАЛА НА ПОЛИЦИЈАТА ДЕКА НЕЈЗИНИОТ МАЖ СО ПИШТОЛ УБИЛ ЖЕНА И ГО ПОСОЧИЛА МЕСТОТО КАДЕ БИЛА ЗАКОПАНА ВО ГОСТИВАРСКО

    СОПРУГАТА Ѝ ПРИЗНАЛА НА ПОЛИЦИЈАТА ДЕКА НЕЈЗИНИОТ МАЖ СО ПИШТОЛ УБИЛ ЖЕНА И ГО ПОСОЧИЛА МЕСТОТО КАДЕ БИЛА ЗАКОПАНА ВО ГОСТИВАРСКОТелото на убиената жена е најдено закопано во атарот на гостиварското село Неготино. (Фото: МВР)

    Тетовската полиција за кратко време расчисти убиство кое првично беше пријавено како случај на исчезнато лице. Синот на педесет и тригодишна жена од гостиварското село Равен пријавил дека таа се оддалечила од нивниот дом откако влегла во автомобил, по што била недостапна на телефон. Во истрагата полицијата привела едно сомнително лице и извршила претрес во неговиот дом, при што била приведена и сопругата на осомничениот. При нејзиниот распит таа признала дека сопругот со пиштол ја убил жената и го посочила местото каде што е закопана.

    „СВР Тетово – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.М. (53) од с. Неготино, општина Врапчиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘убиство’ по член 123 од Кривичниот законик. Имено, на 09.12.2025, Ј.М. (34) од Гостиварско пријави дека неговата мајка Х.А. (53) од с. Равен, Гостиварско, се оддалечила од домот, а подоцна на безбедносните камери забележал дека на 07.12.2025 таа влегува во патничко возило ‘фиат’, по што е недостапна на телефон. Исто така, тој пријави дека на безбедносните камери забележал дека ноќта помеѓу 06.12 и 07.12.2025, С.М. влегол и пребарувал во неговата куќа и дека биле одземени пари од неговата соба. На 11.12.2025 во 02:15 часот, С.М. беше лишен од слобода поради сомнение дека ја принудил Х.А. да замине од домот со него. По преземени мерки во врска со случајот и по извршени проверки на видеозаписи, констатирано е дека пријавениот дал лажен исказ во полициска станица. Воедно, од добиениот листинг на повици утврдено е дека Х.А. последен пат имала контакт со него на 07.12.2025“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.

    Подоцна, како што кажа портпаролот, со судска наредба, извршен е и претрес во домот на С.М., по што од слобода е лишена и неговата сопруга Ѓ.В. (48).

    „Во службен разговор во полициска станица, Ѓ.В. признала дека нејзиниот сопруг С.М. со пиштол ја убил Х.А., а го посочила и местото каде е закопана. После тоа, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, во присуство на јавен обвинител, извршија увид на местото во атарот на селото Неготино каде било пронајдено телото на Х.А. По наредба на јавен обвинител, телото е дадено на обдукција“, додаде портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира