Советот на Општина Битола не го одобри проектот на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за изградба на велосипедски патеки на две од најголемите сообраќајници во Битола. Сите други советници, и оние со кои го имаа претходното мнозинство како Поинаку и Левица, па и опозицијата, гласаа воздржано сметајќи дека проектот не е комплетно изработен. Не беше изгласана измена на програмата за економски развој и од буџетот не се обезбедија над половина милион евра за реконструкција на тротоарите на улиците Васко Каранглевски и Партизнска, каде се предвидуваа патеките.
На презентација на проектот, Борче Галевски, градежен инженер-проектант од Јавното претпријатие за урбанистичко планирање рече дека ова е проект за реконструкција на тротоарот од едната страна на улицата Васко Карангелевски до спојот со кружниот тек кај „Веро“, но не и конкретно за изградба на велосипедски патеки кои би се правеле подоцна. На тротоарот од три метри, два ќе останат за пешаци, 80 сантиметри за велосипеди кои ќе бидат одделени со линии од по 10 сантиметри. Но, во предвидените 500 илјади евра нема трошоци за велосипедски патеки.
Од Поинаку гласаа воздржано зашто проектот е само делумно сработен и нема јасни податоци колку дрвја и зеленило ќе бидат исечени. Претседателката на Советот, Габриела Илиевска рече дека на прашањето кога ќе бидат готови велосипедските патеки, ѝ било речено писмено да се обрати до градоначалникот.
„Кога јас како претседателка не можам да добијам одговор, тогаш како граѓаните би знаеле за каков проект се работи“, рече таа.
Жаклина Наумовска, советничка од СДСМ, реле дека ова наликува на проектите од времето „Миле ми текна“ или на фамозната велосипедска патека што ексградоначалникот Владимир Талески ја исцрта со бели линии низ пешачката зона на Шеталиштето.
Заменик-градоначалникот и координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, кажа дека од страна на советничките групи се случи класичен пуч кон љубителите на велосипедизмот и дека битолчани ќе видат вистинското лице на оние кои се лицемерни.
„Зеленилото нема да биде оштетено. Ќе има само реконструкција на постоечката состојба на пешачката патека, некаде минимално проширување и врз основа на одобрениот сообраќаен проект од 2014 , се изработува градежно конструктивен прокет. Кога ќе бидат реконструирани патеките истите ќе бидат обележани за велосипеди. Некој сака тука тезите да ги извртува“, рече Бојкоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА