Конзервирани икони врвни по својот квалитет од црквите во битолското село Велушина, се спасени евентуално да не станат мета на арамии. Неколку десетици икони, дела од 17 до 19 век, сместени се во новата галерија на икони што се отвори во битолскиот Завод и музеј. Ова е еден од чекорите да се заштити движното културно наследство од македонските сакрални објекти кои опстојуваат во села оддалечени од градот, со мал број жители, понекогаш и без безбедносни алармни системи, дел во стари објекти кои бараат реставрација.
„Во исклучително лошата состојба се некои цркви во Велушина, пред сè црквата „Св. Илија и Св. Атанасиј“ и се роди идејата да се направи нешто за да се сочува ова иконописно богатство. Загрозени споменици има многу. Пред неколку години во југозападна Македонија делуваше една група од Албанија, која украде преку 500 икони. Црквите, особено во селските населби се слабо чувани, нема алармни системи, во селата има малку луѓе. Тие се во поодминати години и не можат да се грижат за ова многу богато културно наследство. Мора да се бараат решанија во иднина за нивна заштита“, вели Ристо Палигора, историчар на уметност и советник конзерватор.
Меѓу иконите од Велушина кои се конзервирани и изложени во Битола се и врвни дела на група зографи од битолското село Магарево.
„Една од најплодните иконописни работилници во Македонија во 19 век постоела токму во село Магарево. За жал, овие зографи не беа познати до сега и ние работиме на нивна идентификација повеќе години. Нивното творештво може да се мери не со стотици туку со илјади икони во Битолско, Пелагонија, Преспа, во териториите на денешна Грција, Бугарија, посебно во Србија. Основоположник е Анастас Зограф, а активни се и синовите Константин и Димитар Анастасови, па зографот кој се потпишува Јован од Трново“, вели Палигора.
За да се заштитат на овој начин икони и од други цркви потребна е дозвола од локалното население и Преспанско-Пелагониската епархија.
„Имаме договор за чување на иконите од Велушина на десет години, но се надеваме дека сопствениците ќе ги остават во трајно користење на Заводот“, вели Александар Литовски, директор на Завод и музеј Битола.
Во изминатите години од црквите и манастирите низ Македонија беа украдени околу 500 икони. Најголемата кражба во Битолско се случи точно пред четири години во црквата во Гопеш, кога во една вечер беа однесени 40 икони. До денес не се најдоа и иконостасот во црквата зјае празен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА