Споменикот на војводата Александар Турунџев е пренесен на кружниот тек кај Ат-пазар каде ќе биде поставен по 8 години минати во општинскиот двор. Од Општина Битола велат дека споменикот ќе биде поставен, но уште ќе се работи сè додека не се комплетира до 30 август, кога се навршуваат 120 години од смртта на војводата. Турунџев беше погубен во 1905 во близина на местото каде ќе стои споменикот.
Споменикот на војводата е висок три метри, тежок 500 килограми, изработен од бронза, дело на Ѓорги Димовски. Во Битола беше донесен на 12 септември 2017 за време на мандатот на градоначалникот Владимир Талески, а за кусо време пред ВМРО-ДПМНЕ да ги изгуби локалните избори. Првично се кажуваше дека чини 25.000 евра, а новата локална власт која дојде по Талески, предводена од СДСМ, рече дека таа го платила споменикот и чинел 48.000 евра.
Споменикот се става на истата локација која ја имаше најавено и Талески, на кружен тек кај Ветеринарното, само што тој не успеа да го направи. Кружниот тек беше реализиран за време на сегашниот градоначалник Тони Коњановски во 2023.
Турунџев беше обесен на 30 август 1905 на 33 години. Се сметал за еден од најсуровите македонски војводи кој се борел против грчката пропаганда во Егејска Македонија. На крај бил предаден на спиење од Митре Гинков кој му се правел пријател и му ја понудил сопствената куќа да преспие. Историчарите пишуваат дека го предал за 150 жолтници.
Од 33 години живот, Турунџев 16 ги посветил во борба за Македонија. Откако бил фатен и поминал една година в затвор, а потоа окован во пранги на рацете и нозете турскиот аскер го извадил најпрво на плоштадот во Битола, а потоа се упатиле кон Ат-пазар, поворката ја следеле над 3.000 битолчани. Пред да биде обесен извикал „Македонија ќе биде слободна“. Гробот му е зад црквата „Света Недела“ во Битола, а досега имаше само едно скромно спомен обележје на Ат-пазар.
Ж. ЗДРАВКОВСКА