СРЕДНОШКОЛЦИ ОД СТРУМИЦА НА ЧАСОВИТЕ ПО ПРАКТИКА НАПРАВИЈА 960 ШКАФЧИЊА ЗА КНИГИ И ГИ ДАДОА ВО ОСНОВНО ШКОЛО

    СРЕДНОШКОЛЦИ ОД СТРУМИЦА НА ЧАСОВИТЕ ПО ПРАКТИКА НАПРАВИЈА 960 ШКАФЧИЊА ЗА КНИГИ И ГИ ДАДОА ВО ОСНОВНО ШКОЛОШкафчињата за учебници и работните униформи ги изработуваа во училишната работилница на часовите по практична настава. (Фото: СДК.МК)

    Учениците од дрвопреработувачката струка од средното училиште „Никола Карев“ од Струмица опремија цело основно училиште со шкафчиња за  децата. Шкафчињата за учебници и работните униформи ги изработуваа во училишната работилница на часовите по практична настава, каде средношколците стекнуваат и работни вештини. Вкупно 960 плакарчиња направија во првото полугодие, откако Општината им одобри средства за набавка на матријали, а тие ги креираа моделите и со опремата и машините со кои располагаат ги изработија како финални производи.

    Лаура Цветков, ученичка од втора година, беше задолжена за монтажа на механизми за отворање и затворање на крилата од шкафчињата. Вели дека атмосферата е добра меѓу учениците во работилницата каде дирекно се запознаваат со одреден производствен процес. Посебно ја прави горда што нивни производи веќе наоѓаат примена во основното училиште „Никола Вапцаров“ во Струмица.

    Целиот процес почнува во кабинетот по информатика каде средношколците од дрвопреработувачката струка ги прават моделите на финалните производи од дрво. (Фото: СДК.МК)

    „Не е тешко ако се работи со љубов и желба. Работам на дупчење на предните крила на шкафчињата за да се монтираат механизмите за отворање и затворање. Но, се менуваме. Работам и на кантирање, на склопување, во зависност што е потребно.  Професорите се постојано со нас и ни објаснуваат. Ова не се први наши модели. Имаме произведено и работни бироа, клупи за одмор, летниковци за училиштето, а дел од нашите производи ги имаме донирано и во Струмичката болница“, вели Цветков,  која е посебно горда што за две години има дизајнирано и моделирано повеќе паметни работни бироа и чека да се преточат во финални производи.

    Целиот процес почнува во кабинетот по информатика, каде средношколците од дрвопреработувачката струка ги прават моделите на финалните производи од дрво. Таму се едуцираат и за дизајнот, можноста за подобрување на изгледот и функционалноста на производот. Прават и истражувања и компарација какво дрво како суровина е најпогодно за изработка на готов производ.

    „Процесот го започнуваме со моделирање и утврдување на димензиите на одреден производ. Потоа правиме прототип како макета и се вклучуваме во изработката. Како средно стручно училиште добро сме опремени со машини, иако секогаш на првите производи може да се згреши. Важно е што учениците имаат интерес и даваат идеи за изработка на нови производи. Досега имаме изработено маси, столови, плакари за училиштето, за Струмичката болница, сме изработувале табуретки за седење од рециклиран материјал, клупи за одмор од даски за отпад, летниковци. Сме донирале и работно биро во Министерството за образование“, вели професорот Никола Узунов.

    Шкафчињата за учебници и работни униформи се поставени во основното училиште „Никола Вапцаров“. (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека со стекнатото практично искуство низ четирите години во училиштето, средношколците со мала инвестиција може веднаш да си отворат мини работилница и да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Добар дел од учениците кои поминале низ ова училиште веќе имаат стабилни семејни фирми за производство на мебел.

    Во четирите години од дрвопреработувачката струка се школуваат околу 60 ученици. Директорот на училиштетот Зоран Петков вели дека и во второто полугодие ќе продолжат да изработуваат шкафчиња за да се опреми друго училиште

    „Горди сме што изработивме околу 960 шкафчиња за учениците од основното училиште ‘Никола Вапцаров‘. Има најава дека ќе опремиме и друго школо, но чекаме одговор дали ќе ни се одобрат средства. Со Општината сме во преговори догодина да се вклучат и средношколците од текстилната струка за изработка на работни униформи за првачињата. Како средно стручно училиште располагаме со кабинети за моделирање и изработка на финални текстилни производи. Досега како училиште ги имаме изработено работните униформи за учениците од угостителската струка во ‘Димитар Влахов‘, но и голем број парчиња на постелнина за Струмичката болница“, вели директорот Петков.

    Во училиштето има и кабинети за моделирање и изработка на финални текстилни производи, каде се изработени униформи за првачиња. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов вели дека и оваа година ќе продолжи оваа практика, ученици од стручното образование да изработуваат финални производи за потребите на Општината, но и за нејзините организациони единици. За таа намена во буџетот за 2023 година обезбедени се 14 милиони денари. Освен средношколците од „Никола Карев“, ќе бидат вклучени и учениците од средното училипте  „Димитар Влахов“ каде исто има стручно образование.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира