СТАРО НАГОРИЧАНЕ ЌЕ ДОБИЕ ТУРИСТИЧКИ ЦЕНТАР

    СТАРО НАГОРИЧАНЕ ЌЕ ДОБИЕ ТУРИСТИЧКИ ЦЕНТАРОпштината Старо Нагоричане, е препознатлива по богатото културно-историско наследство во државата, а меѓу најзначајните споменици е црквата „Св. Ѓорѓи" (Фото: СДК.МК)

    На почетокот на наредната година Општината Старо Нагоричане ќе добие туристичко-информативен центар, за промоција на туристичкиот потенцијал на општината во североисточниот регион. Проектот предвидува адаптација на на стариот задружен дом во модерна зграда во Младо Нагоричене, во која ќе се презентира целокупната туристичка понуда преку видео презентација, макети, текстови и слики.

    Вредноста на проектот за меѓугранична соработка е 498.000 евра, од кои 274.000 се за Старо Нагоричане, а останатите за Општина Рила во Бугарија.

    „Најзначајните 6-7 локалитети ќе добијат посебни простории во кои ќе бидат поставени макети, слики, текстови и видео матерјал. Во проектот има и изработка на стари носии, стари занаети, обука за практикување на старите занаети, како и видео презентација на целокупниот туристички потенцијал во Општината. Потоа ќе има пропаганден матерјал, цд и флаери. Идејата е кога ќе дојдат туристите на едно место да видат која е понудата на општината, а потоа да одлучат што сакаат да посетат“, вели градоначалничката Жаклина Јовановска.

    Проектот треба да заврши до 24 октомври годинава, а од Нова Година центарот ќе започне со работа. Самиот проект ќе генерира нови вработувања.

    „Планираме туристичкото биро да прерасне во регионален центар, бидејќи е доволно големо да се претстави целиот североисточен регион“, додаваат од Општината.

    Во состав на проектот предвидено е изработка на официјална страница, со која ќе се промовира центарот.

    Општината Старо Нагоричане, е препознатлива по богатото културно-историско наследство во државата. Најзначајни споменици се црквата „Св. Ѓорѓи”, мегалитската опсерваторија Кокино, меморијалниот центар АСНОМ, манастирите Забел и Карпино, Костоперска карпа и други други локалитети и цркви, но туристичкиот потенцијал не е искористен.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира